????? ????????
16 Јануари 2016•Ажурирај: 17 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА се три од четирите партии вклучени во преговорите коишто сметаат дека треба да се одржат изборите на 24 април годинава, додека само една партија, опозициската СДСМ, смета дека за тоа сеуште не се исполнети потребните услови, изјавија учесниците на повеќечасовната средба со еврокомесарот за проширување и соседна политика Јоханес Хан, јавува Anadolu Agency (AA).
Со свој став по средбата излезе еврокомесарот Јоханес Хан, кој истакна дека земјата е во многу тешка состојба и дека очекува политичките партии да се држат до Договорот од Пржино, потпишан на 2 јуни/15 јули. "Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во оваа 2016 година. Јас сметам дека владата, политичката елита и Парламентот треба да посветат внимание на оваа многу сериозна ситуација од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланската перспектива.
“Денеска сфатив дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политчки партии за одржување на избори на 24 април. Очекувам сите политички партии да се држат до договорот потпишан на 2 јуни/15 јули" ,изјави Хан, додавајќи дека направил напори да ги увери сите партии дека европските институции се тука да и помогнат на земјата.
"Сакам да го уверам секој граѓанин дека без разлика што ќе биде конечната одлука на политичките партии кога да биде датумот за предвремени избори, ние ќе помогнме во организацијата и дека ќе ја надледуваме ситуацијата за време на изборите" ,рече Хан и најави дека повторно ќе дојде во Македонија.
Премиерот на Република Македонија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во својата изјава по завршување на преговорите, потенцираше дека сите партии денеска дојдоа на преговори со цел да се договорат за датумот на избори, а само еден човек, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дојде со цел да не се одржат изборите на 24 април.
"Денеска сите дојдовме со намера да има преговори, а само еден човек дојде со намера да ги одложи избори. Трите политички партии се договоривме за датумот на изборите, а само Зоран Заев се противи на нивното одржување на 24 април", изјави Груевски, кажувајќи дека на средбата не се разговарало ниту за регулација на медиумите ниту за методологијата за избирачкиот список, како и дека комесарот Хан ги информирал дека ОБСЕ и ОДИХР го известиле дека не постојат пречки за одржување на изборите на 24 април.
"За нас не се прифатливи избори без навремена регулација на медиумите и без навремено прочистување на избирачкиот список. Ако се одржат избори на 24 април, ние на такви избори нема да учествуваме, а ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски избори. Пропаднаа преговорите нема догововор", изјави претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кој прв ја напушти лидерската средба.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по преговорите изјави дека иако не дошло до никаков договор, не треба да се размислува на одржување на изборите без опозицијата и повика на заеднички договор помеѓу сите политички актери вклучени во преговорите. "Преговорите ќе продолжат, а се надеваме дека и опозицијата ќе продолжи со преговори.
"Сите ние треба да делуваме заедно" , изјави Ахмети. На вечерашната средба помеѓу претставниците на политичките партии и еврокомесарот Хан, учествуваше и амбасадорот на САД, Џес Бејли и олеснувачот во преговорите Питер Ван Хауте.