Ömer Aydın
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
СТРАЗБУРГ (АА) - Тема на последните дискусии на пленарното заседавање на Европскиот парламент во Старзбур беше ситуацијата во Турција за време на и по неуспешниот воен удар кој во таа земја на 15 јули го изврши терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Високиот комесар на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, ги извести европските парламентарци за случувањата во Турија и нагласи дека Европската Унија застанала во одбрана на демократијата и на легалната и легитимна власт и институциите во Турција.
„Европската Унија упати јасна и искрена порака. Таа ноќ бев во Монголија и лично, веднаш презедов соодветни активности за одбрана на демократските институции во Турција“, изјави Могерини.
Могерини истакна дека во таа порака е нагласено оти воениот удар е недозволен чин, и ја поздрави реакцијата на турскиот народ кој, на повикот на државниот врв, излезе на улиците и ја бранеше демократијата.
- Могерини: ПКК е терористичка организација -
Потсетувајќи дека за време на официјалната посета во Анкара, со турските официјални претставници разговарала за актуелната ситуација во Турција, Могерини изјави дека Европската Унија ја смета ПКК за терористичка организација и дека разоружувањето на таа организација претставува услов за решавање на терористичките закани.
Могерини изјави дека внимателно ги следи случувањата во Сирија и додаде дека сириската криза мора да се реши по мирен пат и со почитување на територијалната целост во Сирија.
„Прекинот на огнот е светлина на надеж и го поддржуваме. ЕУ мора да направи важни работи кога станува збор за доставување на хуманитарната помош и за решавање на кризата. Турција за ЕУ претставува клучен партнер во тој регион. Турското и европското општество се оддалечуваат сѐ повеќе, а нашите врски мораат да бидат јасни и искрени. Ние мораме да ја поддржуваме демократската и правната држава Турција, која е наш сосед и кандидат за членство“, изјави Могерини.
Во Европскиот Парламент се обрати и шефот на Комитетот за надворешна соработка, Елмар Брок, и истакна дека Европа мора да ја сфати тежината на задачата на Турција, која паралелно се бори со терористичките групи ДАЕШ и ПКК.
И другите говорници ја поздравија храброста на турскиот народ кој ги спречи пучистите и ги одбрани демократијата и владеењето на правото.
- Хан: ЕУ не сфати колкава закана претставува Ѓулен -
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, изјави дека овој пат Турција и нејзиниот народ го спречиле воениот удар. Тој додаде дека за време на посетата во Анкара се уверил дека официјалните претставници и луѓето во таа земја се и понатаму во шок по обидот за воен удар.
„Мораме да имаме повеќе разбирање. Како ЕУ, не сфативме колкава закана претставува Фетула Ѓулен. Дури и ако ја критикуваме владата, Турција е земја во која живеат 80 милиони разумни луѓе. Треба да ја поддржуваме политичката и економската стабилност на таа земја“, изјави Хан.
Тој исто така ги повика европските парламентарци со одбрани зборови да зборуваат за Турција и за ситуацијата во неа.