Besar Ademi
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменикoт државен секретар на американскиот Стејт департмент за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји, вториот ден од неговата посета на Република Македонија го започна со средба со претседателот Ѓорге Иванов во претседателската резиденција „Вила Водно“, по што, како што е најавено, ќе следуваат средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со лидерите на двете најголеми македонски партии во земјата, во зградата на Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и на вчерашните средби, и на денешната средба тема на разговорите ќе биде формирањето влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатланската интеграција на земјата.
Вчера, Хојт Ји се сретна со лидерите на албанските политички партии застапени во Собранието, додека единствениот што излезе со изјава по средбата беше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој истакна дека нема враќање назад, дека треба да се прифати изборот на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, и да се поддржи и од оние сили што го оспоруваат овој избор.
По завршувањето на средбите, се очекува Хој Ји да одржи прес-конференција на која што се очекува да го објави конечниот став на САД во врска со неодамнешните настани во Македонија.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, кои се собраа пред зградата на парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.