Murat Eğilmez
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со транспарентот од митингот одржан во Берн во саботата, на кој турскиот претседател беше претставен како мета, изјави дека истакнувањето на транспарентот е показател до која точка дошла една социјалистичка и една политичка партија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Анталија се состана со претставниците на невладините организации и во таа пригода се осврна на митингот што во швајцарскиот град Берн во саботата го организираа терористичките организации и нивните поддржувачи. На тој митинг, меѓу останатото беше истакнат транспарент со црна заднина, со фотографија од претседателот Ердоган и вперен пиштол во неговата глава, на кој беше испишана пораката: „ Убиј го Ердоган“ а под неа пишуваше: „Со сопствено оружје“ . Митингот на кој присуствуваа припадниците на терористичките организации ПКК, ДХКП И ЈПГ е одржан на плоштадот пред зградата на Федералниот парламент во Берн.
Чавушоглу потсети на дипломатските реакции на Турција, кои следуваа по митингот и по истакнувањето на скандалозниот транспарент.
„Она што се случи во Швајцарија пред два дена е нешто неприфатливо. Го повикав и швајцарскиот министер за надворешни работи Дидие Буркхалтер. Навистина не е прифатливо една партија во Швајцарија, една социјалистичка партија да има активности со припадниците на ПКК, односно со припадниците на терористичка организација, како и да бидат користени слогани за време на тие активности“, смета Чавушоглу.
Тој додаде дека особено не е прифатливо во главниот град да се извикува „Убиј го Ердоган“.
„Истакнувањето на овој транспарент покажува до која точка дошла една социјалистичка, една политичка партија. До линија на тероризмот, ако тоа не е фашизам, што е? Кога им се кажува тоа, им пречи“, додаде Чавушоглу.
Тој се осврна и на политичкиот став на Европа и на политиката, особено на Европската заедница, против Турција, која е видлива во последно време.
„Ако една политичка и воедно социјалистичка партија дојде до линија на фашизам, тешко на Европа. Тоа се обидуваме да го појасниме. Што значи истакнувањето на транспарент „Убиј го Ердоган“ на зградата на политичка партија. Зарем тоа не е фашизам, зарем тоа не е поддршка на терористичка организација, дејствување заедно со неа. Односно, тоа значи дека си на иста линија со тероризмот, со терористичката организација“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу додаде дека тоа, за жал, е точка до која дошла Европа.
„Европа оди директно во бездна, а кога ние тоа го велиме, повторно им пречи. Нека ги извлечат веќе еднаш главите од песокот“, порача министерот за надворешни работи на Турција.
Чавушоглу изјави дека неговиот швајцарски колега истакнал оти ќе биде започната истрага, и додаде дека турската страна ќе следи кои мерки ќе бидат преземени.
Тој се осврна и на снимките на кои се гледаат руските војници со униформи, со амблем на терористичката организација ЈПГ. Слични снимки се појавија и претходно и со американските војници.
„Тоа е показател дека овие земји соработуваат и можат да соработуваат дури и со терористичките организации кога тоа им одговара“, изјави Чавушоглу, кој додаде дека е срамота големите земји кога се во слабост да бидат со терористичките организации во Сирија и да носат нивни униформи.