Ali İhsan Çam
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за повлекување од Сирија, истакна дека јасно пренеле дека овој процес не треба да ѝ служи на сепаратистичката агенда на ПЈД/ЈПГ, и дека Турција поседува моќ сама да ја неутрализира ДЕАШ во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на турската дипломатија имаше свое обраќање на состанокот на кој се дускутираше за турската надворешна политика во 2018 година, при што нагласи дека Турција често ја потврдува својата одлучност во насока на итно спроведување на мапата на патот за Мунбич во врска со Сирија, и преминување во подрачјето источно од реката Еуфрат.
„Американската страна прифаќа дека настана доцнење во календарот“, додаде тој.
Чавушоглу истакна дека откако турскиот претседател Ердоган рече оти ќе се интервенира врз источниот дел на Еуфрат во случај да се зголеми заканата на ЈПГ/ПКК кон Турција, во Сирија почнаа да се случуваат важни настани, а дека администрацијата на САД соопшти дека ќе се повлече од овој терен.
Чавушоглу рече дека министрите за надворешни работи и одбрана, како и воени претставници на двете земји, меѓусебно дискутирале околу тоа како ќе се координира повлекувањето на САД од Сирија и како ќе се спречи да не дојде до појава на вакуум на теренот.
„Сакам да нагласам дека ја поздравивме оваа одлука и дека ќе бидеме во близок дијалог со САД. Во суштина, јасно им пренесовме на надлежните дека овој процес на повлекување не треба да ѝ служи на сепаратистичката агенда на ЈПГ/ПКК“, нагласи Чавушоглу.
Чавушоглу се осврна и на борбата против ДЕАШ, и додаде дека Турција поседува моќ сама да ја неутрализира ДЕАШ во Сирија.
Тој информираше дека постигнале согласност со Вашингтон околу тоа мапата на патот на Мунбич да заврши до повлекувањето на САД од Сирија.
Чавушоглу потсети дека граѓанската војна во Јемен веќе влегува во петтата година.
„Јасно истакнувам дека поради погрешните политики на земјите на Заливот, голем број лица, меѓу кои деца и жени, за жал, умираа од глад и болести“, додаде тој.
Од друга страна, шефот на турската дипломатија нагласи дека Турција вложува напор и за постигнување политичко решение во Јемен.