Erdoğan Çağatay Zontur
07 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
СТОКХОЛМ
Две научнички ја поделија Нобеловата награда во областа на хемијата за 2020 година. Наградата им е доделена за развивањето алатки за менување на делови од ДНК, молекуларната основа на целиот живот на Земјата, соопшти шведската Кралска академија на науки, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Емануел Шарпентје, професорка на Одделението за наука за патогени на Институтот „Макс Планк“ во Германија и Џенифер А. Дудна од Универзитетот во Калифорнија, открија една од најострите алатки на генетската технологија: генетски ножици CRISPR/Cas9“, објави Академијата.
„Користејќи ги алатките, истражувачите можат исклучително прецизно да го сменат ДНК на животните, растенијата и микроорганизмите. Оваа технологија има револуционерно влијание на науката за животот, придонесувајќи за нови терапии во лекувањето на карциномот и може да го оствари сонот за лекување на наследните болести“, се истакнува во соопштението на шведската Кралска академија.
Нагласувајќи дека пред Шарпентје и Дудна модификацијата на гените во клетките траела долго, била тешка, а понекогаш и невозможна, во соопштението се наведува: „Со користење на генетските ножици CRISPR/Cas9, сега е можно да се смени животниот код за само неколку недели.“
Клас Густафсон, претседателот на Комитетот за Нобелова награда во областа на хемијата, истакна дека во оваа генетска алатка постои огромна сила „која влијае на сите нас“.
„Тоа не е само револуционерно за основната наука, туку веќе резултира со иновативни решенија и ќе доведе до револуционерни нови медицински третмани“, нагласи Густафсон.
Во понеделникот Нобеловата награда за физиологија и медицина за 2020 година им е доделена на научниците Харви Џ. Алтер, Мајкл Хаутон и Чарлс М. Рајс за откривање на вирусот на хепатитис Ц.
Во вторникот Нобеловата награда за физика за 2020 година им е доделена на научниците Роџер Пенроуз, Рајнхард Генцл и Андреа Гез за револуционерниот труд за црните дупки.
Шведската Кралска академија на науки, основана во 1739 година, е независна организација чија цел е промоција на природните науки и јакнење на нивното влијание во општеството.