Сириски реставратор посветено работи на зачувување на ретките документи од османлискиот период
- Додека илјадници страници со ракописи од различни епохи се чуваат во архивите и приватните колекции во Алепо, голем дел од овие бесценети дела се соочува со опасност од трајно исчезнување
Ahmet Karaahmet
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
photo: Maher Basal / AA
АЛЕПО
Истражувачот и реставратор д-р Мухамед Хаватми, кој живее во Алепо, во северниот дел на Сирија, во своето ателје посветено работи на заштита и реставрација на ретките документи и ракописи што датираат од османлискиот период, па сѐ до денес, јавува Анадолу.
Додека илјадници страници со ракописи од различни епохи се чуваат во архивите и приватните колекции во Алепо, голем дел од овие бесценети дела се соочува со опасност од трајно исчезнување.
Хаватми, кој е експерт во областа на реставрацијата на стари ракописи и документи, во изјавата за дописникот на Анадолу вели дека делата од Алепо и неговата околина се важно цивилизациско наследство што ги отсликува историјата, научното богатство и културното творештво на овој регион.
- „Големи и угледни фамилии чуваат документи уште од османлискиот период“ -
Укажувајќи на важноста на документите од османлиската ера, Хаватми нагласи дека особено семејствата со длабоки корени со децении грижливо ги чуваат овие списи.
Фотографија : Maher Basal/AA
„Големите и угледни фамилии во своите домови ги чуваат имотните листови, вакафските документи и документите за плаќање што датираат од османлискиот период. Овие документи главно се од доцниот османлиски период, поточно околу 50-тите години на 19 век“, вели Хаватми.
- „Овие документи ја откриваат нишката на идентитетот и континуитетот што се протега од Османлиите до денес“ -
„Записите од регистарот на земјиште, вакафските документи и документите за идентификација имаат огромна вредност. Тие се исклучително важни и од историски аспект бидејќи имаат османлиски печат. Овие списи ги откриваат идентитетот и континуитетот од османлискиот, преку арапскиот период, па сè до денешна Сирија.“
- Реставраторските трудови и предизвиците по патот -
Тој има речиси 50 години професионално искуство, а поголем дел од работниот век го поминал во едно мало ателје.
Фотографија : Maher Basal/AA
„Долги години работев на обновување на стари книги и документи. Потоа ги совладав напредните технички методи и особено се специјализирав во користењето на традиционалната јапонска хартија“, објаснува тој. Хаватми посочува дека еден од најголемите проблеми во реставрацијата е набавката на материјали: „Специјалните материјали, како што е јапонската целулозна хартија, се од клучно значење, но нивната набавка знае да биде навистина тешка.“
- Иднината на реставрацијата и нејзините ризици -
Оваа професија сѐ повеќе е изложена на ризик од заборав, вели Хаватми и додава:
„Оваа професија бара огромно техничко знаење, но уште повеќе – уметничка душа. За жал, денес како да го нема она вистинско внимание и интерес за неа. Бидејќи остана осамена професија, која ја практикуваат само поединци, таа никогаш не заживеа во големите библиотечни системи. И токму затоа денес е соочена со ризикот засекогаш да згасне и да биде заборавена.“
Споделувајќи дека во главниот град Дамаск одвреме-навреме се организираат едукативни програми од Дирекцијата за култура и антиквитети, Хаватми вели дека овој занает сепак не го добива заслуженото внимание. „Оваа професија бара бескрајно трпение и уметничка душа. Токму затоа младите денес не ја избираат премногу“, вели тој.
- „Мој најголем сон е да се оживеат обуките во оваа област“ -
„Мој најголем сон е во сите јавни библиотеки во Алепо конечно да започнат обуки, да се органзираат работилници и младите со срце да го научат овој занает. Бидејќи старите библиотеки и архиви во Алепо кријат безброј книги и документи што чекаат да бидат спасени. Но, за жал, поради човечка негрижа, сите тие денес се соочуваат со опасност засекогаш да исчезнат“, вели тој.