Hasan Esen
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
ЛОНДОН (АА) - Меѓународна научна екипа на научници од областа на астрономијата под лидерство на проф. Џејн Гривс од Универзитетот во Кардиф, Велика Британија, во атмосферата на Венера откри постоење на гас, фосфин, што го создаваат микроорганизми што живеат во бескислородни средини, јавува Агенција Анадолија (АА).
Молекулата на фосфин, која се состои од атоми на фосфор и водород, за првпат е откриена од телескопот „Џејмс Кларк Максвел“ (JCMT) на Хаваи.
По потврдата за постоење на фосфин со Телескопот со голем милиметарски бран во Чиле, меѓународната екипа на научници од областа на астрономијата спроведоа низа активности со цел да се изнајде причината за постоењето на овој гас во атмосферата.
Спроведени се студии во кои научниците разгледуваа небиолошки можности кај метеорити, громови и различни хемиски реакции.
На крајот од истражувањата е заклучено дека нема друго објаснување за присуството на фосфин во атмосферата на планетата освен постоење на живот.
Д-р Вилијам Беинс, од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), во своите истражувања за производство на фосфин на природен начин истакна дека откриеното количество на фосфин во атмосферата на Венера не може да биде произведено на друг начин освен благодарение на микроорганизмите.
Проф. Гривс, која го води ова истражување, за списанието „Nature Astronomy“ изјави: „Мислев дека ќе можеме да ги намалиме на три сценарија за постоење на облаци исполнети со микроорганизми, но бевме шокирани кога ги добивме првите траги за постоење на фосфин во атмосферата на Венера.“
Проф. Ема Банс, претседателката на Кралското астрономско друштво на Велика Британија, честитајќи им на членовите на истражувачкиот тим за откритието, изјави: „Дали има живот надвор од Земјата е важно прашање за науката. Откритието на проф. Џејн Гривс и нејзината екипа претставува значаен чекор напред во оваа потрага.“ Банс упати повик за спроведување поголем број истражувања.
На Земјата, гасот фосфин го произведуваат бактерии што живеат во цревата на животните, како што се пингвините, или во средини како што се мочуриштата со мало присуство на кислород.
Температурата на површината на Венера надминува 400 степени, а 96% од атмосферата на оваа планета ја сочинува јаглероден диоксид. Тоа е причината поради која Венера се сметаше дека е една од најнеповолните планети за живот.