Ali Murat Alhas
04 Септември 2020•Ажурирај: 06 Септември 2020
АНКАРА
Угледниот турски научник Ихсан Ѓурсел е оптимистичен дека против новиот тип на коронавирус може да биде произведена безбедна и ефективна вакцина, а со колегите неуморно работи за што побрзо да се постигнат посакуваните резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за Агенција Анадолија, проф. д-р Ихсан Ѓурсел од Универзитетот „Билкент“, зборуваше за испитувањата во врска со Ковид-19 кои се спроведуваат во Турција, за последните достигнувања и како истражувањата за вакцина против Ковид -19 поттикнале многу научници да ги испитуваат вирусите.
„Буквално работиме 24/7 часа, без прекин. Добивме посебни дозволи за работа, дури и за време на врвот од заразата, кога беше воведен полициски час. Процесот за развивање на вакцина обично трае од 4 до 5 години, а ние потврдивме дека, како дел од нашиот проект, фазните истражувања ќе бидат готови во период од осум месеци“, изјави Ѓурсел, лидер на групата составена од над 20 научници.
Ѓурсел, кој копретседава со научната програма на Европскиот конгрес за имунологија, а се подготвува и да го води Турскиот совет за имунологија, нагласи дека неговата група започнала да работи на развивање на вакцината против Ковид-19 кратко по појавувањето на вирусот и дека проучувале разни формулации на вакцини и антигени на вакцини, конечно доаѓајќи до верзија на вирусот која не е патогена.
„Ние правиме клетките да произведуваат специфични протеини за вирусот САРС-КоВ-2 и синтетизираме честички слични на вируси кои го сочинуваат изворот на антигенот на нашата вакцина“, рече тој, додавајќи дека оптимизацијата на дозата е извршена во тестирање на животни и дека до Етичкиот комитет во Турција се доставени клучни документи.
Ѓурсел рече дека студиите за вакцина станале „ветувачки“ откако неговата група добила дополнително знаење за вирусот, го дизајнирала антигенот за вакцината и се подготвила за фазата на тестирање врз луѓе.
Тој додаде дека иако е тешко да се најде стопроцентен лек за вирусот во краток временски рок, ширењето на вирусот низ светот може значително да се контролира доколку глобалните напори за вакцинација обезбедат 50-процентна заштита на општеството.
„Дури и вакцината против грип не обезбедува целосна заштита против болеста. Вакцините во оваа смисла се дизајнирани за да обезбедат заштита од околу 50 отсто“, изјави тој, додавајќи дека и грипот е вид на вирус кој поминува низ огромна мутација, за разлика од САРС-Ков-2, чија зачестеност на мутација е помала.
„Сепак, да не заборавиме на фактот дека коронавирусот е исто така компликуван. Затоа, речиси е невозможно вакцината да нуди 100-процентна заштита во период од една до две години. Но главната цел на научниците е да пронајдат ефикасна и сигурна вакцина која може да го елиминира ризикот од заразата“, додаде тој.
Тој смета дека Турција остварила значителен придонес кога станува збор за вакцинацијата и лековите за спречувањето на вирусот, додавајќи дека универзитетите ги здружиле силите поради што е формиран конзорциум за сузбивање на заразата, а искуството стекнато во минатото може да даде значителен придонес за идните истражувања.
„Нашиот конзорциум обезбедува информации за патогените и другите пандемии, и ние научивме многу за време на овој процес. Посветеноста и волјата на нашите научни тимови ќе придонесе за разбирање на проблемите предизвикани од вирусот и во можните идни пандемии и зарази и ќе биде многу полесно да се соберат таквите истражувачки единици во иднина“, изјави тој.
Тој нагласи дека неговиот тим се состои од неколку докторанди и магистранди, на чија работа е многу горд, со оглед на тоа што значително придонеле за истражувањата и жртвувале многу за да работат на вакцината.
„Некои од моите студенти не се ниту во физички контакт со нивните семејства за да го спречат ризикот од заразување и за да не го пролонгираат текот на нашите истражувања. Многумина од нив дури не одат ни дома, туку остануваат во студентските домови и работат деноноќно. Овие млади луѓе ќе бидат дел од индустријата за производство на вакцина и идни научници од светска класа“, изјави Ѓурсел.
Во Турција досега се потврдени речиси 275.000 случаи на заразување со Ковид-19, а оздравени се 248.000 лица. Бројот на починати од последиците на вирусот во земјата изнесува 6.511, додека над 1.000 пациенти се наоѓаат во критична состојба.
Откако минатиот декември за првпат се појави во кинескиот град Вухан, вирусот досега одзеде повеќе од 868.000 животи и се прошири во 188 земји и региони.
„Во светот се пријавени 26,3 милиони случаи на заразување на Ковид-19, а бројот на оздравени надмина 17,5 милиони“, покажуваат податоците што ги објави американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.