Riyaz ul Khaliq
25 Април 2019•Ажурирај: 26 Април 2019
АНКАРА (АА) - Јапонија во четвртокот создаде вештачки кратер на астероид - достигнување за кое се смета дека има големо научно и стратешко значење, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според јапонската новинска агенција „Кјодо“, сондата „Хајабуса 2“ истрелала проектил кон астероидот Рјугу, на околу 340 милиони километри оддалеченост од Земјата, како дел од мисијата за истражување на потеклото на животот и еволуцијата на Сончевиот систем. Операцијата се смета за една од најтешките за извршување.
„Површината на астероидот е јасно изменета“, изјави Јуичи Цуда, вонреден професор од Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA).
Лансирана во декември 2014 година од вселенскиот центар „Танегашима“, југозападна Јапонија, сондата „Хајарбуса 2“ стигна до астероидот Рјугу минатиот јуни. Во февруари се спушти на астероидот, со цел да собере примероци од неговата површина и да пронајде хидрирани минерали кои ќе им помогнат на научниците да формулираат хипотеза дали астероидите донеле вода на Земјата.
Во однос на научните истражувања, се верува дека овој чекор ќе даде одредени одговори за еволуцијата на Сончевиот систем, бидејќи астероидите како Рјугу содржат сочувани траги од времето на настанувањето на Сончевиот систем.