Amir Latif Arain
23 Февруари 2025•Ажурирано: 24 Февруари 2025
КАРАЧИ (АА) - Тим јапонски истражувачи соопштија дека ја развиле најголемата роботска рака која се движи користејќи култивирани човечки мускулни ткива, јавува Анадолу.
Истражувачите се надеваат дека биохибридната рака со пет прсти ќе биде применета на протетски раце, објави денес новинската агенција од Токио, Кјодо њуз.
Раката, која е долга 18 сантиметри, заедно со дел од подлактицата, се движи индивидуално користејќи повеќе зглобови и може да изведува сложени движења со прстите, како што се фаќање и движење на врвот на мал предмет, велат истражувачите од Универзитетот во Токио и Универзитетот Васеда.
За разлика од претходните биохибридни уреди кои можеа да прават само движење со еден зглоб и беа ограничени на околу 1 сантиметар во големина, тимот го реши проблемот со спојување на повеќе тенки „жици“ од мускулни ткива во облик на суши ролна за да дејствува како еден поголем мускул.
Бидејќи таквиот дизајн обезбедува нутриентите да стигнат до секоја „жица“, овие ткива имаат доволно сила за да овозможат движење на роботската рака.
Истражувањето го отвора патот за зголемување на мускулната сила кај биохибридната роботска рака, рече Шоџи Такеучи, професор по машинско инженерство на Универзитетот во Токио.
„Тоа може да доведе до создавање на робот сличен на човекот или прецизна протетичка рака“, истакнува Такеучи, објави Кјодо њуз.
Наодите на тимот се објавени во списанието Сајанс роботикс (Science Robotics) на 12 февруари.