Ekipa
10 Октомври 2019•Ажурирај: 10 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција и претседател на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган, соопшти дека во операцијата „Извор на мирот“ досега се неутрализирани 109 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, говорејќи на состанокот со претседателите на општинските ограноци на партијата во проширен состав, истакна: „Во последните четири години неутрализиравме вкупно 16 илјади терористи, 7.500 во рамките на нашите граници и 8.500 надвор од нашите граници.“
Наведувајќи дека во операцијата „Извор на мирот“ досега се неутрализирани се 109 терористи, турскиот претседател нагласи:
„Ни префрлуваат за чекорите преземени за солидарност и единство на Сирија. Вака, вие застанете настрана, ние го продолжуваме нашиот пат.“
Ердоган посочи дека целта на оваа операција е давање придонес кон територијалниот интегритет на Сирија и политичкото единство, а во врска со критиките на некои земји во светот во врска со операцијата тој запраша: „Саудиска Арабија првенствено нека се погледне во огледало. Кој го донесе Јемен во ваква состојба?“
„Особено ти, Египет, ти не смееш да зборуваш! Затоа што ти си убиец на демократијата во својата земја“.
Осврнувајќи се на операцијата која започна вчера, Ердоган додаде: „Ние таму не се бориме со нашите курдски браќа, ние се бориме против терористичката организација. Турција е можеби единствената легитимна власт моментално на таа територија.“
Во своето обраќање Ердоган се осврна и на терористичката организација ДЕАШ.
„ДЕАШ од Франција дојде во Сирија, дојде од Германија, од Холандија, а ние, 5.500 припадници на ДЕАШ ги испративме таму од каде што дојдоа“, нагласи тој.
Додаде дека „во рамките на борбата против ДЕАШ на околу 77.000 лица од 151 различна земја им ставивме забрана за влез во Турција. 7.600 лица од 102 земји ги депортиравме од нашата земја. Во моментов, бројот на лица кои чекаат да бидат депортирани во центрите, изнесува 851.“
Ердоган во својот говор упати порака до ЕУ и до оние кои ја оквалификуваат тековната операција „Извор на мирот“ во северна Сирија како „операција за окупација“.
„Доколку се обидете операцијата да ја оквалификувате како „операција за окупација“, тогаш нашата работа е многу лесна. Ќе ги отвориме нашите граници и 3,6 милиони бегалци ќе ги пратиме кај вас.“
„Вие никогаш не бевте искрени, од 1963 година наваму нѐ залажувавте. ’Ве примивме во ЕУ, ве примаме, ќе ве примиме‘ - тоа се зборовите што ги чувме. Вие не сте искрени“, истакна Ердоган, и додаде: „Нема да ја испратeле втората рата од 3 милијарди евра. Дали досега вие ги исполнивте вашите ветувања? Не. Ние не го правиме тоа за да земеме нешто од вас, ние потрошивме 40 милијарди долари. Со Божја помош ние ќе потрошиме уште толку и ќе продолжиме по нашиот пат, ама исто така ќе ги отвориме и вратите“, додаде турскиот претседател.
Истакнувајќи дека без разлика дали се Арапи, Курди или други, ќе ги прифатат сите оние што веднаш ќе ги напуштат редовите на ПЈД и ќе се вратат во своите домови, села и градови за да ја заштитат сопствената чест, Ердоган рече: „Никој не сака да се врати во регионите кои се под контрола на сепаратистичката терористичка организација и под контрола на режимот. Затоа што луѓето, овие две структури ги гледаат исто поради прогонството.“
Нагласувајќи дека планот на Турција е повторно секој да се врати во својот дом, турскиот претседател упати порака и до сите членки на НАТО, на чело со Соединетите Американски Држави (САД).
„Апелирам до сите членки на НАТО, на чело со Америка... Ние сме Турција. Ние сме земја членка на НАТО. Овие терористички организации многу добро го знаат членот 5 кога ја напаѓаат Турција, а вие не смеете да останете безгласни на тоа.“
Тој во своето обраќање потсети дека во моментот 300.000 Курди само од Кобане сѐ уште живеат во Турција како гости.
Турските вооружени сили (ТСК) вчера ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ во северна Сирија, во подрачјето источно од преката Ефрат, со цел оневозможување на формирањето терористички коридор до јужната граница со Турција и воспоставување мир и спокој во регионот. Подрачјето е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК.