Ömer Musa Targal
23 Ноември 2015•Ажурирај: 23 Ноември 2015
БУЕНОС АИРЕС (АА) – Со победата на вчера одржаниот втор круг претседателски избори, кандидатот на десниот центар Маурицио Макри е избран за нов претседател на Аргентина, јавува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијални резултати, од 99,17 отсто од пребројаните гласови Макри освои 51,4 отсто, додека неговиот противкандидат и гувернер на регионот на Буенос Аирес, Даниел Скиоли, доби 48,6 отсто од гласовите. На Скиоли не му беше доволна, ниту јавната поддршка на актуелната претседателка на Аргентина, Кристина Фернандез де Кирхнер за да извојува победа на изборите.
На насобраните симпатизери во Буенос Аирес, новиот аргентински претседател Макри, порача дека нивните гласови го направија она што се чинеше невозможно.
„Ви благодарим за вашата доверба. Сега можеме заедно да ја изградиме Аргентина каква што сакаме. Во таа Аргентина нема да има корупција, ниту сиромаштија“, рече Макри.
И кандидатот на актуелната аргентинска влада, Скиоли, го призна поразот и му честиташе на Макри на изборната победа.
Изборната победа на Макри му ја честиташе и актуелната претседателка Кирхнер и го покани на официјална средба во Претседателството.
Новиот аргентински претседател, Маурисио Макри, доаѓа од исклучително богато семејство, а во јавноста е познат како претседател на фудбалскиот гигант Бока Јуниорс во периодот 1995-2007 година.
Во почетокот на 90-тите години тој беше киднапиран од вооружени криминални групи и поминал 14 дена во заробеништво. Беше ослободен со плаќање на откуп.
Тој влезе во политиката во 2003 година, кога ја основаше Партијата на републиканскиот предлог (PRO). Од 2007 година е на функцијата градоначалник на Буенос Аирес.