Abdula Berisha
13 Јуни 2019•Ажурирај: 15 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ, изјави дека пред Советот на Европската Унија (ЕУ) да одлучи дали ќе започнат преговорите за членство со Северна Македонија, тоа треба да се усвои и од националните собранија на земјите членки на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Јуратовиќ, заедно со други пратеници од германскиот Бундестаг, престојува во работна посета во Собранието на Северна Македонија, каде што оствари средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со пратеничката група за соработка меѓу двете собранија, како и со собраниските комисии за европски прашања и надворешна политика.
На овие состаноци, германските пратеници беа придружувани од амбасадорот на Германија во Скопје, Томас Н. Гербрих.
Во изјавата за медиумите по состаноците, германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ рече дека Европската комисија (ЕК) веќе дала „зелено светло“ за отпочнување на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ и дека истото треба да го направи и Советот на ЕУ.
Меѓутоа, тој објасни дека меѓу овие две одлуки, има еден технички процес „којшто некако е подзаборавен“, истакнувајќи дека пред одлуката на Советот на ЕУ, на ред се националните собранија.
„Ова затоа што Собранието е тоа кое носи одлуки, тоа е највисокиот државен орган, кој како законодавен орган ѝ дава налог на Владата којашто треба да го изврши“, рече Јуратовиќ.
Тој објасни дека ова прашање сѐ уште не е поставено на дневен ред во германскиот Бундестаг, додавајќи дека сега следуваат годишните одмори и дека ова прашање може да се најде пред пратениците од Бундестагот кон крајот на септември или во почетокот на октомври.
Меѓутоа, Јуратовиќ изрази оптимизам дека одлуката ќе биде позитивна, притоа оценувајќи го постигнувањето на Преспанскиот договор и Северна Македонија како позитивен пример во регионот.
Антонио Милошоски, претседател на Собраниската комисија за надворешна политика, рече дека одредувањето на датумот за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ доцни веќе 10 години, затоа што, како што истакна тој, државата првата препорака од ЕК за отпочнување на преговори за членство ја доби во 2009 година.