Furkan Abdula
07 Декември 2022•Ажурирано: 08 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Монс, Белгија, ја посети Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, каде што оствари средба со врховниот командант, генерал Кристофер Каволи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата Пендаровски бил запознаен со тековните активности на командата и зајакнувањето и приспособувањето на силите по почетокот на руската воена инвазија на Украина, во насока на заштита на НАТО-сојузниците и намалување на ризикот од проширување на конфликтот.
Пендаровски ја реафирмира подготвеноста на земјата да даде свој активен придонес во напорите на Алијансата насочени кон исполнување на стратешките цели, во одржувањето на регионалната безбедност и зацврстување на единството во НАТО.
„Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија, во рамки на своите капацитети, ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош на Украина, со крајна цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување мир“, се вели во соопштението.
Генералот Каволи се заблагодари за севкупната поддршка што Република Северна Македонија, како членка на НАТО, ја дава во напорите на Алијансата за одржување на безбедноста на евроатлантскиот простор.
Во рамки на посетата, Пендаровски оствари средба со припадници на Армијата на Северна Македонија распоредени во Врховната команда на сојузничките сили за Европа.