Muhammed Emin Canik
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
КАРАКАС (AA) - Претседателот на Венецуела Николас Мадуро објави дека ги прекинуваат дипломатските и политичките односи со Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи во Каракас, Мадуро рече дека „не може повеќе да ја толерира агресијата на фашистичката колумбиска влада, па одлучи да прекине било каков однос со таа земја".
Додаде и дека на колумбиските дипломатски претставници им дава 24 часа да ја напуштат Венецуела.
Венецуелската влада претходно одлучи привремено да ја затвори границата со Колумбија поради наводни „сериозни и незаконски закани" и на таа земја.
Потпретседателката на Венецуела Делси Родригез на социјалните мрежи напиша дека привремено се затворени три премини кон Колумбија поради „сериозни и незаконски закани по мирот во Венецуела".
Венецуела претходно одлучи да ја затвори и границата со Бразил. На подрачјето во близина на границата со Венецуела синоќа дојде до судири помеѓу венецуелската војска и локалните жители во кои загина едно, а повреден е голем број лица.
Америко Де Грациа, опозицискиот пратеник, на социјалните мрежи изјави дека во судирот кој се случи во местот Гран Сабан загина едно женско лице, жител на тоа подрачје.
Венецуела е погодена со протести од 10. јануари кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат по изборот кој го бојкотираше опозицијата.
Напнатоста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се прогласи за вршител на должноста претседател, што го поддржаа САД и многу европски и латиноамерикански држави. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.