Husamedin Gina
22 Март 2019•Ажурирај: 24 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Државната изборна комисија денеска на јавна седница со ждрепка се утврди редоследот на единствената листа на кандидат за избор на претседател на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Блерим Река на гласачкото ливче ќе биде под број „1“, Гордана Силјановска – Давкова под број „2“, а Стево Пендаровски под број „3”.
На денешното извлекување на редоследот на кандидатите за претседател на гласачко ливче од Државната изборна комисија (ДИК) ги повикаа и ги замолија кандидатите, како и политичките партии што ги подржуваат за коректна, чиста, позитивна и европска кампања и тоа во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, интересот на политичките партии, ДИК и во интерес на целата држава.
Зад кандидатурата на Блерим Река застанаа опозициските политички партии од албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Движењето Беса, Гордана Силјановска Давкова на претседателските избори е кандидат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека Стево Пендаровски е кандидат на владејачката коалиција (Социјалдемократски сојуз на Македонија, Демократска унија за интеграција и други 30 партии).
Од ДИК исто така порача дека до 1 април, кога почнува кампањата за претседателските избори, кандидатите за претседател треба да се воздржат од јавни настапи, изјави или се што би значело кампања.
Кампањата ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај оваа година.