Abdula Berısha
28 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, истовремено претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, се сретна со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што разговараа околу техничката влада пред предвремените парламентарни избори предвидени за 12 април 2020 година, но не постигнаа конечен договор, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според Законот за Влада, најмалку 100 дена пред изборите премиерот мора да поднесе оставка и на чело на техничката влада треба да биде номиниран кандидат од власта, а техничката влада има за задача да ги спроведе изборите.
Според законот, со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика треба да раководи опозицијата, додека заменици-министрите ќе бидат од власта. Опозицијата ќе има и заменици-министри во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и во Министерството за информатичко општество и администрација.
Во изјава за медиумите по средбата, премиерот Заев рече дека е важно за сите страни во Северна Македонија да се одржат фер и демократски избори, додавајќи дека за ова и опозицијата ќе сноси своја одговорност бидејќи ќе биде дел од техничката влада.
Тој рече дека разговарале со Мицкоски за предлозите на опозицијата, потенцирајќи дека предложените лица не треба да се гонети или да се под обвинение на јавните обвинителства во државата.
„Затоа, останатите имиња, освен името за кандидат за министер за внатрешни работи, во понеделник во координација јас и господинот Мицкоски ќе бидат соопштени. Веројатно тогаш и тие ќе ги соопштат имињата. Имајќи предвид дека господинот Мицкоски даде изјава и не соопшти имиња, јас само ќе кажам дека за министер за внатрешни работи е предложено воено лице и оттука сега испаѓа дилемата дали Уставот согласно член 97 тоа го дозволува“, рече Заев.
Премиерот потсети дека според Уставот, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи треба да ги раководат цивилни лица, додавајќи дека консултациите со опозицијата и експертите ќе продолжат.
Тој не ја исклучи можноста за номинирање на предлогот на опозицијата, доколку уставните експерти препорачуваат дека тоа нема да биде противуставно, како и за кој било друг предлог што може да излезе од опозицијата, но тој беше дециден дека сака предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април 2020 година.
Името на кандидатот за министер за внатрешни работи не го кажа ниту лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Во изјавата за медиумите по состанокот со премиерот Заев, Мицкоски рече дека го доставил предлогот до премиерот и очекува Заев да ги спроведе потребните консултации.
„По првото прашање, разговаравме за името (на предложениот кандидат), му го презентиравме, ја презентиравме биографијата на лицето. Во интерес на дополнителните консултации коишто тој треба да ги изврши, јас не би го споменал сè уште нашиот предлог“, изјави Мицкоски.
Во текот на вчерашниот ден, СДСМ одржа седница на Централниот одбор во врска со кадровските промени за техничката влада кои треба да се изгласаат во Собранието на Северна Македонија на 3 јануари 2020 година, ден кој се совпаѓа со 100-дневниот рок утврден со закон.
Меѓу другото, СДСМ одлучи на чело на техничката влада да биде Оливер Спасовски, сегашниот вицепремиер и министер за внатрешни работи.