СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и поранешниот помошник-американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, со нивните говори го отворија Самитот за Западен Балкан организиран од неделното списание „Економист“ (The Economist), јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот со тема „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“ беше присутна висока владина делегација предводена од премиерот Заев, поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, поранешниот претседател на Европскиот парламент (ЕП), Мартин Шулц, актуелниот потпретседател на ЕП, Димитриос Пападимулис, други претставници од САД, Европската Унија (ЕУ), НАТО, дипломати, менаџери и бизнисмени.
Во текот на неговиот говор, премиерот Заев рече дека Северна Македонија очекува добри вести, наведувајќи го членството во НАТО и почетокот на пристапните преговори со ЕУ.
Говорејќи за Преспанскиот договор со кој се реши спорот за името меѓу Северна Македонија и Грција, Заев рече дека тој договор е и „катализатор за промени бидејќи е сведок на нов процес на трансформација на Балканот“.
„Стабилен балкански регион е од интерес за Европската Унија, особено геополитички, економски и безбедносно. Поблиската соработка со земјите членки на Европската Унија помага за соочување со предизвиците што се клучни за агендата на ЕУ, како што се климатските промени, енергетиката, животната средина, безбедноста и миграциите“, рече Заев.
Поранешниот американски официјален претставник Вес Мичел, исто така зборуваше за Преспанскиот договор, велејќи дека за Балканскиот Полуостров е многу значаен „демонстративниот ефект“ создаден со договорот, додавајќи дека тоа докажува дека Балканот се движи кон Запад.
„Реалноста е дека денес, во многу делови на Балканот, моќта и влијанието од Западот се оддалечуваат кон надворешните играчи, чии начини на владеење и економија се многу различни од оние што сакавме да ги имаат државите во овој регион уште од 1990-тите години. Иднината што Русија и Кина ја имаат на ум на Западен Балкан не е иднина на индивидуалните слободи и слободните пазари, туку иднина на зависност и експлоатација“, рече Мичел.
За време на панел-дискусијата, говор одржа и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој потсети дека во април тој ја оствари првата историска посета на грчки премиер во Северна Македонија, додавајќи дека тоа беше можно благодарение на потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Овој сложен договор со сите овие термини, членови, одредби, ни овозможува дури денес да одиме напред во нашите билатерални односи и да преземеме многу чекори напред“, рече Ципрас, додавајќи дека покрај решавање на проблемот за името, Преспанскиот договор отвори перспективи за соработка помеѓу Северна Македонија и Грција во различни области, како што се трговијата, безбедноста и евроинтеграциите.
Поранешниот грчки премиер исто така рече дека ЕУ треба да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија, додавајќи дека ЕУ треба да промовира мир и стабилност на Балканот.
Организаторите најавија дека на Самитот, на кој присуствуваат околу 450 учесници, ќе се разговара и за ставот на ЕУ за Западен Балкан, како и за безбедноста на регионот и влијанието на НАТО.
news_share_descriptionsubscription_contact
