Furkan Abdula
19 Јули 2022•Ажурирај: 20 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, имаше интегрално обраќање на меѓувладината конференција во Брисел, со која се означи отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, со одржувањето на првата меѓувладина конференција во Брисел, на која учествуваше владина делегација предводена од премиерот Ковачевски, Северна Македонија ги отвори преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
Во соопштението се наведува дека на овој историски важен настан со кој започнува ново поглавје за државата на патот кон ЕУ, на македонски јазик пред претставниците од 27 земји членки се обрати премиерот Ковачевски.
Се истакнува дека на седницата говореле министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, како претседавач, високиот претставник на ЕУ, Жозеф Борел, и комесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Ковачевски во своето обраќање рече дека му претставува исклучителна чест што ја има можноста да се обрати на македонски јазик.
Тој нагласи дека со оваа меѓувладина конференција, Северна Македонија ја започнува последната етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија.
„Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван. Заслужен“, рече Ковачевски, додавајќи дека за остварување на оваа стратешка цел направиле многу.
Според него, проширувањето е несомнено помеѓу најуспешните политики на Унијата, а како што рече, во денешниот контекст, обединета и силна Европа му е потребна на светот, и дека тоа нема да е можно без интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Ковачевски истакна дека Северна Македонија е земја која ги почитува и вреднува соседите. Порача дека Северна Македонија нема отворен територијален спор со ниту еден сосед, дека тоа е веќе уредено со Уставот, и дека постојано и одлучно ги унапредува добрососедските односи и регионалната соработка.
„Посветено работиме на надминување на предизвиците и унапредување на односите со соседите преку имплементација на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Остануваме искрено посветени на нивното ефикасно спроведување, во добра волја, и со придонес кон понатамошно градење на меѓусебното разбирање, доверба и почитување. Идентичен и конзистентен однос очекуваме и од нашите соседи и партнери. Во овој контекст, мојата земја е целосно подготвена да ги спроведе сите преземени обврски од Преговарачката рамка вклучувајќи ги навремено сите свои човечки и институционални капацитети“, додаде Ковачевски.
Тој рече дека е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
„Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија“, нагласи тој.
Ковачевски нагласи дека сите релевантни институции во Северна Македонија се целосно подготвени да придонесат за ефикасно и ефективно спроведување на процесот на скрининг и да продолжат со понатамошно усогласување на правната рамка со стандардите на ЕУ.
„Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Во оваа смисла, Северна Македонија преку интензивна и посветена работа има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на ЕУ“, нагласи Ковачевски.
„За да биде мирот целосен и траен и за да биде нашиот континент цел и обединет, треба да сме заедно и обединети. Затоа што само заедно сме посилни“, порача премиерот на Северна Македонија во своето обраќање на меѓувладината конференција во Брисел.