Dejan Maksimoviç
24 февруари 2016•Ажурирај: 25 февруари 2016
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, при својата посета на Босна и Херцеговина оствари средба со членовите на Претседателството на БиХ при што нагласи дека негова желба е БиХ да го признае Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој смета дека тој чин не би претставувал атак на друга земја, туку би бил фактор кој дополнително би придонел за стабилизација во регионот. Исто така, Нишани истакна дека се надева дека БиХ наскоро ќе ги признае патните документи на Косово, бидејќи тоа, како што рече, е од обостран интерес.
„За мене тоа е хуманитарно прашање, бидејќи се однесува на темелното човеково право за слобода на движење, а се однесува и на економскиот развој на двете земји. Затоа ми е мило што наидов на разбирање од членовите на Претседателството на БиХ, коишто изразија добра волја да се реши ова прашање”, рече Нишани.
Претседавачот со Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, го изрази своето задоволство за посетата на албанскиот претседател на БиХ и нагласи дека станува збор за земја која нема никакви отворени прашања.
Тој рече дека кога станува збор за надворешната политика, БиХ сака добри односи со сите земји од регионот.
„Нашата клучна, би рекол историска, задача во БиХ денес е да се спротивставиме на ентропијата којашто може да нè запре во овие наши планови, но и да дадеме полн придонес за едно подолго време да не размислуваме за дестабилизација на условите во нашиот регион. Сигурен сум дека ќе ги унапредиме нашите билатерални односи. Постојат и многу можности за унапредување на економската соработка, верувам дека нашата културна поврзаност, нашата традиција и културното наследство имаат заедничка историја, така што верувам дека низ различни облици на соработка треба да овозможиме подобра туристичка соработка”, рече Човиќ.
Човиќ додаде дека преку регионални проекти треба да се обединат не само Албанија и БиХ, туку и сите останати кои живеат на овие простори. Го повика претседателот на Албанија да ги интензивира билатералните односи со БиХ со цел реализирање на бројни заеднички проекти.
Албанскиот претседател истакна дека БиХ е важен фактор за стабилноста на целиот регион и дека е еден од лидерите во тој правец. Доказ за тоа е и домаќинството на самитот на иницијативата Брдо-Бриони во мај оваа година. Изрази надеж дека БиХ ќе го поддржи приемот на Косово во Јадранската повелба.
„Верувам дека тој чекор би придонел кон стабилизацијата во регионот. Во минатото овој регион мина низ тешки времиња, но денес нашите односи се олеснати. Во тој контекст го изразив ставот да го искористиме ова време за што подобра соработка”, истакна Нишани.
Членовите на Претседателството со албанскиот претседател Нишани разговараа и за сегментот на безбедноста во целиот регион, која е загрозена од тероризмот притоа истакнато е дека е потребна поблиска соработка за полесно совладување на овој проблем.
Албанскиот претседател во текот на денот ќе се сретне со членовите на колегиумот на двата дома на Парламентарното собрание на БиХ. Во попладневните часови Нишани ќе биде домаќин на приемот, во хотелот Европа, за Албанците коишто живеат во БиХ и пријателите на Албанија од БиХ.