Furkan Abdula
13 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Кабинетот на Претседателот на Северна Македонија се одржа 13-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, точки на дневен ред за кои се дискутирало биле лицата од Авганистан прифатени на територијата на Северна Македонија и поставеноста на системот за управување со кризи.
Се истакнува дека присутните констатирале дека Северна Македонија, како членка на НАТО, покажала подготвеност и ги понудила своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан.
„Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата“, се вели во соопштението.
Во однос на втората точка на дневниот ред, Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи.
„Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен“, се додава во соопштението.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Стево Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.