Abdula Berisha
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Денес се одржа 19. седница на Советот за безбедност на Северна Македонија, на која се разговараше за безбедносната состојба во државата и во евроатлантскиот регион, пренесува Анадолу.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Стево Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање.
„Надлежните претставници на институциите информираа за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучително руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово“, стои во соопштението.
Во однос на безбедносната состојба во државата, беше оценето дека таа е стабилна и дека нема индиции што укажуваат на можно нејзино загрозување.
Во соопштението, исто така, се наведува дека како членка на НАТО, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на активностите што се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор.
„На седницата на Советот за безбедност беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија во согласност со развојот на настаните, со цел навремено преземање мерки и активности од нивна надлежност“, стои во соопштението.