Fuat Kabakcı
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека на средбата со својот турски колега, Мевлут Чавушоглу, се согласиле обемот на билатералната трговија меѓу Туркије (Турција) и Северна Македонија да се зголеми на 1 милијарда долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи престојува во официјална посета на Туркије, каде што беше примен од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. По средбата, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
Наведувајќи дека ќе ја одбележат 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, Османи рече дека Туркије е првата земја што ја призна независноста на Македонија и отвори амбасада во земјата.
Тој истакна дека Туркије во изминатите години обезбедила поддршка и соработувала со институциите на Северна Македонија на многу полиња: „Ви благодариме и за ова. Оваа соработка ја крунисавме со меморандумот за разбирање што го потпишавме денеска.“
Заблагодарувајќи ѝ се на Туркије и за поддршката во интеграцијата на Северна Македонија во НАТО, Османи рече: „Како двајца сојузници, заедно учествуваме во Алијансата. Заедно се справуваме со предизвиците.“
Османи рече дека Туркије е седмиот најголем трговски партнер на Северна Македонија во однос на билатералните економски односи, и додаде: „Сакаме да ја подобриме нашата соработка на полето на образованието, културата, а особено во нашите економски односи.“
Посочувајќи дека обемот на трговска размена меѓу Туркије и Северна Македонија е околу 900 милиони евра, Османи рече: „Решивме да го зголемиме тоа на 1 милијарда.“
Наведувајќи дека блиската соработка и блискоста на двата народа дополнително ја зајакнува економската соработка, Османи истакна дека на средбата со турскиот министер Чавушоглу станало збор за турските компании и за поддршката што Туркије ја дава за инвестициите во Северна Македонија.
Тој нагласи дека за развој на регионот е потребно што поскоро да се решат тековните проблеми на Западен Балкан и додаде: „Позицијата на турската заедница во Северна Македонија е суштински гарантирана во нашиот устав. Придонесот на турската заедница во Северна Македонија во севкупниот политички, културен и друг контекст има непроценлива вредност.“
Одговарајќи на прашањето во врска со процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ, Османи рече: „Ова е многу големо прашање. Тоа е многу голема тема за која се дискутира и во нашата јавност. Патешествието на Северна Македонија во ЕУ започна пред 20 години со Хрватска и Словенија, но за жал, по изминати 17 години, преговорите за пристап сѐ уште не се започнати.“
Министерот Османи истакна дека едно од прашањата што ги кочи преговорите за членство во ЕУ е консензусот со Бугарија, и нагласи: „Се разбира дека ова доведе до разочарување кај македонските граѓани. Се разбира дека доколку ги исполните критериумите во овој процес и направите чекор напред, преговорите треба да напредуваат. За нас нема друг излез. Северна Македонија сака што е можно поскоро да ги исполни овие критериуми и да продолжи по својот пат.“
Осврнувајќи се на руско-украинската војна, Османи рече: „Сведоци сме на вакви настани на почетокот на 21 век. И јас ја посетив Украина. Им ја пренесов поддршката на Северна Македонија. Ги поддржуваме и чекорите што Турција ги презеде против оваа воена окупација. Веруваме дека најдоброто решение ќе се постигне со заедничка работа и со заемно почитување.“