Admir Fazlagic
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на министри на Владата на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, дипломатскиот кор во земјата, државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Казујуки Накане, амбасадорката на Јапонија во Македонија, Кеико Ханеда, како и многубројни поканети гости, денеска во Скопје се одржа пригодна свеченост со којашто беше официјално отворена амбасадата на Јапонија во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на Јапонија во Македонија, Кеико Ханеда, во своето обраќање на свеченоста истакна дека ѝ претставува огромно задоволство што на официјаното отворање на обасадата присуствуваат многубројни гости. Таа потсети дека пред три месеци дошла во Македонија, како прв резидентен јапонски амбасадор во земјава, и оттогаш, како што рече, интензивно работи на промовирање на билатералните односи меѓу двете земји.
Ханеда додаде дека амбасадата на Јапонија во Скопје се отвори во јануари годинава и упати благодарност до сите оние што вложиле напори за унапредување на добрите односи во минатото.
„Би сакале да работиме напорно со сите страни за да ги зацврстиме, прошириме и да ги продлабочиме односите во сите сфери. Поради тоа, благодарни сме на вашата континуирана поддршка и соработка. Воедно се надеваме дека ќе се среќаваме во многу наредни пригоди“, рече јапонската амбасадорка Ханеда.
Државниот министер за надворешни работи на Јапонија, Казујуки Накане, изрази задоволство што има можност да присуствува на денешната свеченост, осврнувајќи се на важноста на Македонија во однос на стабилноста во регионот.
„Земајќи ја предвид важноста на Македонија, која е клучна за стабилноста и просперитетот на западнобалканскиот регион, одлучивме да отвориме амбасада на Јапонија во Скопје. Огромно задоволство е со сите вас да го прославиме овој денешен повод. Преку отворањето на оваа амбасада, би сакале и понатаму да ги развиваме пријателските билатерални односи меѓу нашите две земји“, рече Накане.
Тој додаде дека како државен министер за надворешни работи на Јапонија, одговорен за јапонско-македонските односи, се залага да вложи максимални напори во унапредувањето на односите меѓу двете земји.
Заменик-министерката за надворешни работи на Република Македонија, Арта Точи, во своето обраќање пред присутните истакна дека ова е ден од историско значење за билатералните односи помеѓу Македонија и Јапонија и изрази уверување дека двете страни ќе ги вложат потребните напори за унапредување на билатералните односи во сите сфери од заемен интерес. Точи потсети дека Јапонија во многу наврати ѝ помогнала на Македонија на различни начини.
Меѓу другото, на свечениот прием гостите имаа можност да вкусат традицинална јапонска кујна и јапонски пијалаци.
По свечената церемонија, државниот министер Накане заедно со министерот за здравство на Република Македонија ќе ја посети Државната клиника за гастроентерохепатологија, каде што ќе се одржи официјално предавање на најсовремен апарат за абдоминална дијагноза и ултразвук, донација од народот на Јапонија.
- Воспоставување на дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија
Инаку, Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година. Амбасадата на Република Македонија во Токио е официјално отворена во мај 2013 година.
Јапонија ја поддржува Македонија и досега на полето на економската соработка има обезбедено 272,5 милиони евра грантови за здравство, образование и развој на локалните заедници, како и 96,89 милиони евра кредити за развој на инфраструктурата. За техничка поддршка преку програми за размена на експерти и обуки над 47,2 милиони евра и над 500 стипендии за постдипломски студии, истражувања, обуки и јакнење на капацитетите. Јапонија на Македонија и додели 4,7 милиони ерва помош за справување со бегалската криза.