Furkan Abdula
18 Мај 2022•Ажурирано: 19 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати писмо до претседателот на Украина, Владимир Зеленски, во кое изразува поддршка за украинскиот народ и упатува честитки до претседателот Зеленски за поднесената кандидатура за членство во Европската Унија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Кабинетот на претседателот на државата.
Пендаровски во својата порака изразува сестрана поддршка за трагичната ситуација во која се наоѓа Украина и украинскиот народ по руската воена агресија.
„Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент, и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме“, нагласи Пендаровски.
„Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за обединета Европа, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата“, истакна претседателот на Северна Македонија.
„Драг Владимир. Поаѓајќи од оваа моја констатација, би сакал да Ви упатам честитки за успешно пополнетиот прашалник за членство во Европската Унија и да подвлечам дека Република Северна Македонија како земја кандидат го поддржува европскиот пат на пријателска Украина и добивањето кандидатски статус за време на Советот на Европската Унија во јуни оваа година“, додаде тој.
Пендаровски рече дека верува оти таквиот исход ќе биде праведен и логичен и ќе претставува поддршка на напорите на Украина на евроинтегративниот пат, како и дополнителен стимул за спроведување на натамошни суштински внатрешни реформи за нејзиното практично приближување кон Унијата.
„Впрочем, европските аспирации нам не ни се потребни како политички трофеј, туку како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за да ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии. Во овој контекст очекуваме потврда дека и нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат. Господине претседател, во надеж за скоро целосно ослободување на Вашата земја од окупаторот, дозволете ми, уште еднаш да Ви го упатам моето највисоко почитување и да Ви посакам добро здравје и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција во овие тешки времиња“, нагласи Пендаровски во својата порака упатена до Зеленски.