Furkan Abdula
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска учествуваше во дипломатскиот дијалог посветен на Западен Балкан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на државата, учесниците на сесијата дискутирале за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и била посочена потребата за одржување на стабилноста, создавање услови за поттикнување на економскиот раст на државите, како и неопходноста за решавање на замрзнатите спорови.
„Имајќи го предвид новиот геополитички контекст, лидерите на сесијата ги изнесоа своите ставови околу улогата на Европската Унија на Западен Балкан и разменија и мислења околу можностите за изнаоѓање нови платформи за промовирање на дијалогот и јакнење на меѓународните партнерства“, се вели во соопштението.
Покрај Пендаровски, на панелот посветен на Западен Балкан учествуваа и лидери и високи претставници од регионот, од Европа и од различни меѓународни организации.