Husamedin Gina
04 Март 2019•Ажурирај: 05 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Американската политика со генерации е да ја види Европа цела, мирна и слободна, нагласи Филип Рикер цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
„25 години работиме да ги поддржиме аспирациите на Северна Македонија, но и другите во регионот. Американската политика со генерации е да ја види Европа цела, мирна и слободна, а тоа го вклучува и Балканот, регионот којшто историски се соочува со многу предизвици, но, особено годинава видовме многу голем напредок“, рече Рикер, додавајќи дека други земји можеби сакаат да го зголемат своето влијание на Западен Балкан, вклучително и тука во Северна Македонија, а САД се посветен пријател на сите овие држави.
Тој исто така истакна дека Договорот од Преспа е мошне значаен момент, според тоа што е постигнато со договорот, како што рече, јасно се гледа патот на Северна Македонија како 30. членка на Алијансата.
Премиерот Зоран Заев, потсетувајќи дека Филип Рикер, како поранешен амбасадор на САД во Македонија, многу добро ја познава земјата и дека на средбата заеднички ги потврдиле досегашните трајни и одлични пријателски односи помеѓу двете земји, утврдени со декларацијата за стратешко пратнерство од 2008 година.
„Република Северна Македонија станува стабилен стратешки партнер на Соединетите Американски Држави. Заедно сме фокусирани на нашата заедничка посветеност на безбедноста, на слободниот и непречен развој на регинот во услови на постојана поддршка на демократските просперитети“, истакна премиерот Зоран Заев, додавајќи дека заедничката цел со САД ќе биде борбата против тероризмот и ектремизмот, како и заедничките акции во однос на сите други закани за регионот и пошироко.
Рикер денеска во Скопје се сретна и со шефот на дипломатијата Никола Димитров, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.