Abdulbesar Ademi
12 Октомври 2025•Ажурирај: 13 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - БЕСАР АДЕМИ -
За точно една недела граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат на локалните избори, односно за градоначалници и општински совети, јавува Анадолу.
На изборите, закажани за 19 октомври и втор круг на 2 ноември, ќе се избираат 81 градоначалник и членови на општинските совети низ целата земја, при што околу 1,8 милиони граѓани на земјата ќе имаат можност да гласаат.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), на овие избори се претставени 309 кандидати за градоначалници и 576 листи на кандидати за членови на општинските совети, со вкупно 10.490 кандидати.
Официјалната 20-дневна кампања за изборите започна на 29 септември и ќе трае до полноќ на 17 октомври, по што ќе настапи период на изборен молк до завршување на гласањето.
- Трката во Град Скопје и Општина Чаир -
Во Град Скопје, каде што јавните услуги долго време се во застој, на локалните избори се издвојуваат двајца главни кандидати: Орце Ѓеорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Каја Шукова, поддржана од СДСМ и коалицијата.
Во Општина Чаир - општина во рамките на градот Скопјe со мнозинство Албанци - конкуренцијата е помеѓу две добро познати политички личности: сегашниот вицепремиер Изет Меџити и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Политичките партии и независните кандидати низ цела земја организираа митинзи, јавни собири и разни кампањи што, главно, ставаат акцент на инфраструктурата, подобрите услуги и локалниот економски развој.
- Вкупниот буџет за локалните избори е 9,76 милиони евра -
Вкупниот буџет за локалните избори оваа година е 9.760.000 евра, од кои две третини се средства наменети за медиуми и платено политичко рекламирање.
Покрај овие средства, тука е износот и за надоместоци на членовите на избирачките одбори, како и за транспортот и дистрибуцијата на членовите и изборниот материјал од општинските изборни комисии (ОИК) до избирачките места каде што ќе се одвива гласањето бидејќи тие се обезбедени од локалните самоуправи.
Ова се осми локални избори што се одржуваат во Северна Македонија од независноста, по оние во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.