Agim Sulaj
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за правда на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, и министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу, го потпишаа Договорот за меѓународна правна соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Косовската министерка Хаџиу нагласи дека договорот меѓу двете земји е во врска со граѓанските предмети, и дека овој договор ќе биде во служба на граѓаните на двете земји.
Според договорот, Северна Македонија и Косово им гарантираат на граѓаните на другата страна иста правна заштита и слободен пристап до судовите и другите органи како на своите граѓани.
„Целта на овој договор е понатамошно продлабочување на соработката во областа на правната помош во граѓанските предмети меѓу двете земји и олеснување на правните процедури во оваа област“, рече Хаџиу.
Меѓу другото, министерот за правда на Северна Македонија, Маричиќ, истакна дека иницијативата за потпишување на договорот покажува дека се вршат политики што ги олеснуваат процедурите за граѓаните и бизнисите на двете земји.
Тој изрази убедување дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи и понатаму во насока на размена на искуства и хармонизирање на европското законодавство.
„Денешната посета и иницијативата за потпишување на Договорот, најдобро говорат дека водиме политики со кои го олеснуваме пристапот до правда и ги поедноставуваме судските процедури за граѓаните на двете земји“, рече Маричиќ.