Abdula Berisha
11 Декември 2024•Ажурирај: 12 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Уставниот суд на Северна Македонија на 32. седница одлучи да одржи подготвителна седница во однос на иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, како и да побара Амикус курие (Amicus curiae), односно „пријателски совет“ од Венецијанската комисија, јавува Анадолу.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференцијата по завршувањето на седницата истакна дека станува збор за спорно правно прашање и истовремено чувствителна тема, додавајќи дека целта на одлуката е да се соочат аргументите и да им се докаже на граѓаните дека Уставниот суд не подлегнува на какви било притисоци.
Според Костадиновски, се очекува подготвителната седница да се одржи во март следната година.
- Пет години не се постапувало по иницијативите -
Законот за употреба на јазиците беше усвоен во Собранието на Северна Македонија во 2018 година. Во 2019 година, кога законот стапи на сила, тој беше оспорен пред Уставниот суд со вкупно 12 иницијативи, поднесени од граѓани, адвокати, универзитетски професори и политички партии. Сите иницијативи Уставниот суд ги спои во еден предмет.
Костадиновски изјави дека Уставниот суд има должност да постапува за секој предмет за кој е поднесена иницијатива, додавајќи дека нема оправдување зошто во текот на претходните години Уставниот суд не постапил по предметот.
Тој истакна дека станува збор за најстар предмет во Уставниот суд, додавајќи дека конечно се постапува по овој предмет.
- Се дискутира за начинот на употреба на јазиците, не за правото за користење -
Претседателот на Уставниот суд беше дециден дека се дискутира за начинот на употреба на јазиците, конкретно на албанскиот јазик, а не за правото за користење.
Како што посочи тој, правото за користење на јазиците е загарантирано со Устав, по иницијативите се однесуваат на начинот на употреба на јазиците.
Костадиновски се пожали за непримерното однесување од политичките партии и обид да се врши притисок врз работата на Уставниот суд.
Тој им порача на сите да не се трудат да го попречат владеењето на правото и правната држава со политичко влијание и со манипулации.
„Уставниот суд има јасни надлежности, ги црпи од Уставот. Уставниот суд е чувар на Уставот и го чува во таква форма, таков каков што е. Чувајќи го Уставот, ние го чуваме поредокот и излезот, алтернативата од тоа е влез во не поредок, а секој не поредок создава хаос“, рече Костадиновски.
Тој порача денешната одлука на никој начин да не биде разбрана како слабост или подлегнување под нечиј притисок.
„Нашата денешна одлука едноставно треба да биде толкувана како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните, да не дозволиме да бидат манипулирани и излажани од политичарите“, изјави Костадиновски.