Ömer Aydın
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
ПАРИЗ (АА) - Лидерот на партијата Либера на Корзика, Џена-Гај Таламони, денеска изјави дека никој нема да биде во можност да се спротивстави на процесот за независност доколку мнозинството од Корзиканците изразат желба за отцепување на островот од Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
На вчерашните регионални избори на Корзика победи коалицијата „За Корзика“ (Per a Corsica), која освои 45,36 отсто од гласовите, во чиј состав влегува и партијата на Таламони, Либера.
Таламон важи за еден од најгласните борци за независност на Корзика, а денес за радиото „France Inter“ (Франс интер) изјави дека Корзика влезе во нова ера, каде што само прашање е што сакаат повеќето луѓе од Корзика.
„Официјален Париз истрајува во игнорирањето на случувањата на Корзика. Веќе две години на островот се случуваат важни работи, но официјален Париз го занемарува тоа“, рече Таламони.
Коментирајќи во врска со сѐ почестите споредби на Корзика со Каталонија, односно на сепаратистичките идеи во овие два региона, Таламони рече дека двата региона не се во иста ситуација, бидејќи Каталонија е развиена шпанска покраина, а за Корзика рече дека е сѐ посиромашна.
Тој истакна дека се потребни десет години за развој на Корзика и оти тогаш ќе биде можно сериозно да се разговара за прашањето за независност, како и дека оваа одлука ќе ја донесат жителите на островот.