Ebru Şengül Cevrioğlu
01 Април 2022•Ажурирај: 03 Април 2022
МОСКВА
Руската енергетска компанија „Гаспром“ денеска официјално ги информира своите клиенти за новите услови за плаќање на рускиот гас, истакнувајќи дека испораките мора да се плаќаат во рубли од денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека „Гаспром“ како руска компанија безусловно го почитува рускиот закон и дека официјално им префрлил на даночните обврзници нова процедура за плаќање во руски рубли.
Говорејќи на состанокот со владини претставници во Москва, рускиот претседател Владимир Путин вчера рече дека потпишал декрет со кој се утврдуваат правилата за трговија со рускиот природен гас.
Тој додаде дека Русија ќе ја прекине испораката на гас за купувачите од „непријателските земји“, доколку од 1 април не се префрлат на плаќање во рубли.
„За да купат руски природен гас треба да отворат сметки во рубли во руските банки. Плаќањата за испорачаниот гас ќе се вршат преку тие сметки од утре“, рече Путин во своето обраќање.
Доколку таквите плаќања не се извршат, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската страна ќе го смета тоа за „неуспех на купувачите, со сите последици што произлегуваат од тоа“.
Песков рече и дека Русија нема веднаш да го исклучи снабдувањето со гас доколку од денеска не биде исплатата во рубли, бидејќи плаќањата за испораките кои доспеваат по 1 април доаѓаат во втората половина на овој месец и во мај.
Одлуката на Путин да инсистира да плаќа во рубли ја зголеми вредноста на руската валута, која падна на историски најниско ниво кога Западот воведе сеопфатни санкции откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.