Oktaj Omeragikj
29 Октомври 2025•Ажурирај: 30 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на осмиот Париски мировен форум, во своето обраќање на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот, истакна: „Евроинтеграцијата е дијалог, а не диктат“, пренесува Анадолу.
Потенцирајќи дека евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку е дијалог, претседателката Сиљановска-Давкова укажа на суштинската важност на регионалната соработка и повика на разбирање и дијалог.
„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои сѐ уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“, истакна Сиљановска-Давкова по завршувањето на сесијата, со којашто модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.
Во своето обраќање на сесијата Сиљановска-Давкова говореше и за безбедносната состојба во Европа поради која не смееме да бидеме оставени во геополитички вакуум и го повтори ставот дека проширувањето на Унијата е безбедносно, а не само прашање на проширување.
„Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, од интерес за регионалната стабилност, регионалната демократија, но и за Европската Унија, е да се гледа на регионот како на систем на врзани садови и да се направи храбар чекор како оној во 2004 година, односно да се покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за т.н. Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.