Mohammad Sıo
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Во израелските воздушни напади денес загинаа 11 лица, меѓу кои две деца и две жени, во Јужен и Источен Либан, соопштија либанското Министерство за здравство и државните медиуми, јавува Анадолу.
Министерството соопшти дека во израелскиот напад насочен кон мотоцикл во градот Тир загинал еден Палестинец.
Во друг напад врз градот Ансарије во областа Сидон загинаа пет лица, меѓу кои две деца, а петмина се повредени, додаде Министерството. Во областа Набатие, во воздушниот напад врз градот Џба загинаа четири лица, меѓу кои и две жени.
Националната новинска агенција (ННА) објави дека еден Либанец е убиен во нападот рано утринава кога е погоден неговиот дом во градот Хебарије во областа Хасбаја.
Израелските воени авиони го погодија и подрачјето на Џабал ал-Рафи на висорамнините Иклим ал-Туфа, а во текот на ноќта цел била и куќа во населбата Салам во Набатие, пренесува агенцијата. Во областа Бинт Џбеил е погодено подрачјето меѓу градовите Кафра и Харис.
Агенцијата извести дека избиле жестоки судири во Бинт Џбеил меѓу борците на Хезболах и израелските сили, во што биле вклучени израелски воени авиони и хеликоптери. Повремени борби се воделе и на влезовите во градот, додека израелските сили уривале куќи во близина на главниот пазар.
Израелската армија ги обнови предупредувањата до жителите јужно од реката Захрани да се евакуираат од своите домови и да се упатат на север пред евентуални напади.
Мохамад Хамуд, директор на болницата во Тебнине (област Бинт Џбеил), изјави дека во израелски напад е погодена областа околу болницата, предизвикувајќи сериозни оштетувања. Во друг напад е погодена комерцијална зграда во близина, при што е предизвикан пожар што тимовите на цивилната заштита се обидуваа да го изгаснат, додаде тој.
Рано утринава израелските летала извршија напади и врз градовите Сарафанд и Тебнине, а цел била и канцеларијата на палестинската организација во кампот Бурџ ал-Шамали. Во областа Марјајун ноќните напади биле насочени кон градовите Хиам и Дебине, придружени со артилериско гранатирање.
Во западниот дел на Бека, израелските авиони извршија два напада взори врз градот Сахмар, предизвикувајќи големи штети на домовите.
Како последица на други напади насочени кон Вади Шбеил во областа Џезин, прекинато е снабдувањето со електрична енергија во градовите Катрани и Среире.
Израел ги продолжи нападите врз Либан по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март и покрај договорот за прекин на огнот од ноември 2024 година.
Либанските здравствени власти соопштија дека повеќе од 2.160 луѓе се убиени, над 7.000 се повредени, а речиси еден милион се раселени од март досега.