Yusuf Hatip
22 Февруари 2018•Ажурирај: 23 Февруари 2018
БРИСЕЛ (АА) - ЈУСУФ ХАТИП - Англискиот пратеник во Европскиот парламент Ваџид Кан изјави дека случувањата во Аракан се најотворен пример на етничко чистење и рече дека меѓународната заедница не треба да остане нема на овие случувања. „Крвта на Араканците не е поевтина од онаа на Европејците“, рече Кан, јавува Anadolu Agency (AA).
Европарламентарецот Кан кој пред кусо време ги посети камповите на араканските бегалци во подрачјето на Кокс Базар во Бангладеш, во разговор за АА даде оценка на ситуацијата.
Кан посочи на фактот дека од почетокот на човечката криза досега, повеќе од 1 милион азиланти биле принудени да преминат од Аракан во Бангладеш и додаде: „Во Кокс Базар 27.000 сирачиња и 60.000 трудници водат борба за опстанок. Навистина, крајно е жалосна и вознемирувачка ситуацијата да се биде сведок на прогонот на кој се изложени Араканците.“
Обрнувајќи внимание на хуманитарните организации кои се активни во подрачјето, Кан рече: „Можев да се уверам дека турските хуманитарни организации се меѓу првите што започнаа да ја даваат својата помош во камповите во Бангладеш и се постојано активни“.
- „Случувањата во Аракан се најотворен пример на етничко чистење“ -
Оценувајќи го однесувањето на мјанмарската Влада и војска врз Араканците како „геноцид“, Кан истакна: „Случувањата во Аракан се најотворен пример на етничко чистење. Навистина е болно во 21. век да се види дека една држава го убива својот народ само затоа што не е припадник на будистите, туку на муслиманите“.
Посочувајќи ја Аунг Сан Су Чи, министерката за надворешни работи на Мјанмар и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, како одговорна за масакрот, Кан го рече следното: „Сведоци сме на најголемата човечка драма по настаните во Руанда 1995 година.“
Англискиот парламентарец, зборувајќи за состојбата во Аракан, рече дека има голем број луѓе што биле жртви на измачувања, силувани жени и запалени села.
„Потребно е да се воведат санкции против извршеното злосторство врз човештвото. Мора одговорните за извршените злосторства против човештвото да бидат изведени пред Меѓународниот кривичен суд“, рече Кан.
- „Крвта на Араканците не е поевтина од онаа на Европејците“ -
Kан истакна дека Меѓународната заедница мора на Мјанмар да му ја испрати следната порака: „Прогонот што им го направивте на Араканците нема да ви остане како придобивка“, и додаде: „Всушност, како светски граѓани, сите ние имаме должност тука. Особено, сакам да го истакнам вложениот труд на турскиот народ.
Англискиот парламентарец истакна дека кога ќе се забележи дека еден човек е жртва на прогон, независно од кој дел на светот тој потекнува, потребно е да се стане на нозе. „Крвта на Араканците не е поевтина од онаа на Европејците. Араканците, покрај хуманитарна помош, сакаат да се стави крај на прогонот“.
- „Како татко, овие приказни навистина ме повредија“ -
Кан во разговорот со новинарот на АА рече дека шетајќи во камповите се сретнал со тажни човечки приказни.
„Бев навистина потресен од приказната на една араканска мајка, која морала да патува цели 15 дена за да пристигне до бегалските кампови во Бангладеш, и која преминувајќи го морето ги загубила своите деца. Слушнав за голем број случаи во кои трудниците биле принудени да се пораѓаат на морскиот брег. Како татко на мали деца, овие приказни навистина ме повредија”, рече Кан.
Шетајќи низ камповите, Кан рече дека запрашал едно 12-годишно момче за неговите очекувања во иднина, на што добил одговор: „Мојата иднина во потполност е темна“.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Според последните информации што ги објави ОН, почнувајќи од 25 август минатата година досега, бегајќи од насилството во Мјанмар, 655.000 аракански муслимани се засолниле во Бангладеш. Се претпоставува дека во 1970-тите години во Аракан живееле околу 2 милиони муслимани, додека денеска, по спроведените етнички чистења и прогони, оваа бројка е под 350.000 лица.
Од друга страна, според сателитските снимки што ги објавија меѓународните организации за човекови права, во подрачјето се запалени повеќе од 350 муслимански села.