Ali H. M.Abo Rezeg
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ТУНИС (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, на Самитот во Тунис изрази поддршка за суверенитетот на Сирија врз Голанската Висорамнина, која Израел ја окупираше и ја припои, јавува Anadolu Agency (AA).
САД минатата недела ја признаа Голанската Висорамнина како израелска територија. Гутереш, сепак, порача дека која било резолуција за сирискиот судир мора да ја гарантира територијалната целовитост на Сирија, а тоа, како што изјави, ја вклучува и Голанската Висорамнина.
Тој се осврна и на судирот помеѓу Израел и Палестина, напоменувајќи дека ОН поддржуваат дводржавно решение.
„Решението со две држави е единствено прифатливо решение во тој регион. Имено, императив е решението за две држави, израелска и палестинска“, изјави Гутереш.
Тој додаде дека Северна Африка и Блискиот Исток, поседуваат, како што изјави, исклучителна динамичност и потенцијал.
„Тоа е регион кој веќе долго време тежнее кон изградба на мир и просперитет. Верувам дека е од витално значење за овој регион да ја доживее таа судбина. Обединетите нации немаат никаква друга агенда, освен да ги поддржат тие аспирации во духот на солидарноста и единството“, изјави Гутереш.
Тој напомена дека не смее да се заборави фактот дека муслиманите и арапскиот свет низ историјата дале голем број придонеси за светската цивилизација.
„Силно апелирам на единство на арапскиот свет како темелен услов за мир и просперитет во целиот регион“, изјави генералниот секретар на ОН.
Во Тунис денеска започна 30. Самит на лидерите на Арапската лига. На Самитот со кој претседава претседателот на Тунис, Беџи Каид Есебси, присуствуваат 13 лидери, меѓу кои и кралот на Саудиска Арабија, Селман бин Абдулазиз и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани.
На состанокот е разговарано за ситуацијата во Сирија, како и за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за Голанската Висорамнина.
На Самитот не присуствуваат осум лидери, меѓу кои суданскиот претседател Омар ал Башир, алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика, султанот на Оман, Кабус бин Саид и мароканскиот крал Мухамед VI.
Сирија нема да биде претставувана од ниту еден официјален претставник на Самитот, бидејќи членството во Арапската лига на земјата е замрзнато од 2011 година. На агендата на Самитот се очекува да се најде и неодамнешното ескалирање на состојбата од страна на Израел во Појасот Газа; тековните кризни состојби во Либија, Јемен и Судан; мешањето на Иран и борбата против тероризмот.