Aida Cako
29 Октомври 2025•Ажурирај: 29 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Најмалку 60 лица, меѓу кои и четворица полицајци, загинаа во масовната полициска акција против трговијата со дрога во Рио де Жанеиро, која властите ја нарекоа „најголема во историјата“ во Бразил, , јавува Анадолу.
Во операцијата биле вклучени околу 2.500 полицајци, со цел да се спречи „територијалната експанзија“ на криминалната група Командо Вермељо. Според Кастро, безбедносните сили се соочиле со силен вооружен отпор, вклучително и истрели и фрлање гранати од дронови.
Досега, според најновиот извештај на државните власти, уапсени се најмалку 81 лице, а запленети се 42 пушки. Полицијата користела 32 оклопни возила и извршила претреси во комплексите Алемао и Да Пења, познати подрачја во северниот дел на градот.
Гувернерот Кастро, кој е политички сојузник на поранешниот крајно десничарски претседател Жаир Болсонаро, потврди дека во акцијата е запленета и „голема количина дрога“.
„И покрај нападите, безбедносните сили остануваат решителни во борбата против криминалот. Ова е размерот на предизвикот со кој се соочуваме – ова веќе не е обичен криминал, туку наркотероризам“, изјави Кастро.
Тој ги повика жителите на засегнатите населби да останат во своите домови додека трае операцијата.
Државното законодавно тело соопшти дека од ова се погодени над 200.000 жители поради затворени училишта, пренасочени автобуси и прекинати здравствени услуги.
На платформата на американската компанија за социјални медиуми X гувернерот сподели видео во кое се гледа како дрон испушта проектил, со коментар:
„Вака полицијата во Рио де Жанеиро е пречекана од криминалците – со бомби лансирани од дронови.“
Кастро тврдеше дека оваа операција е „поголема и пообемна“ од онаа што е спроведена во 2010 година, кога полицијата и војската повторно воспоставија контрола врз овие подрачја по вооружените судири во кои загинаа околу 30 лица.
Операцијата се реализира и покрај тоа што федералната Влада на Бразил, предводена од претседателот Луис Инасио Лула да Силва, во мај го одби предлогот Командо Вермељо да се класифицира како терористичка организација, со образложение дека овие криминални групи не се вклопуваат во дефиницијата за тероризам според националното законодавство.