Abdelrahman Fathy Ramadan Mohamed,Ali Semerci
24 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
КУВАЈТ (AA) - Претседателот на Парламентот на Кувајт, Мерзук ал Ганим, Партијата на исламското уставно движење (ХАДЕС) и политичкото крило на Организацијата „Муслиманско братство“ (Ихван) ги осудија изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон и објавувањето на навредливите карикатури за божјиот пратеник Мухамед во некои весници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава, претседателот на Парламентот, Ганим, повика на осуда за намерните навреди на муслиманските симболи и на преземање практични мерки во дипломатско опкружување, со цел забрана на намерните навреди кон сите религии на светско ниво.
На својот твитер-профил, пратеникот Ахмед ал Фадл го повика Министерството за надворешни работи да вложи меѓународни дипломатски напори за спречување на екстремизмот под маската на слободата.
„Најопасната форма на верски екстремизам е екстремизмот усвоен од најмоќните демократски земји, а тоа јасно се гледа во нестабилните и екстремистички изјави на францускиот претседател“, рече Фадл.
И ХАДЕС, политичкото крило на „Кувајтското братство“, во своето писмено соопштение исто така ја осуди изјавата на францускиот претседател Макрон, кој изјави дека нема да се воздржат од објавување на карикатурите на божјиот пратеник Мухамед.
Владата на Кувајт и Организацијата за исламска соработка, во својот повик за одбрана на Пратеникот Мухамед и исламската религија, побараа осуда на инцидентот и во Министерството за надворешни работи да се повика францускиот амбасадор во Кувајт.
- Започната кампања за повлекување на француските производи од пазарот -
Од друга страна, Федерацијата на здруженијата на потрошувачи во Кувајт започна масовна кампања за повлекување на француските производи од полиците на членките на здруженијата, кои го сочинуваат најголемиот пазар во земјата, како одговор на објавувањето на карикатурите со навредлива содржина за божјиот пратеник Мухамед.
По убиството и обезглавувањето на еден наставник во Франција на 16 октомври, во земјата се водат дискусии по изјавите на голем дел од политичарите, кои како цел ги имаат исламот и муслиманите.
Како последно, францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во своето обраќање до медиумите изјави дека нема да се воздржат од објавување карикатури на божјиот пратеник Мухамед.
- Убиен учителот кој им ги покажа карикатурите на своите ученици -
Обезглавеното тело на наставникот беше пронајдено на 16 октомври во населбата Конфлан Сент Онорен во Париз.
Француските власти соопштија дека наставникот бил убиен од лице кое истата вечер со нож во раката е забележано во близина на телото и кое по неговото бегство од местото на настанот било застрелано и убиено од страна на полицијата.
По смртта на учителот, кој врз себе го навлекол револтот на родителите откако на учениците од високите одделенија во основното училиште на предметот што го предава им покажал карикатури на кои божјиот пратеник Мухамед е прикажан на грд начин, француската полиција започна рации против муслиманите низ целата земја, наводно, под образложение дека објавувале пораки со поддршка за убиецот.
Полицијата изврши рација во повеќе од 50 џамии и здруженија низ целата земја.