Ekipa
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
СЕУЛ (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, денес изјави дека не треба да се дозволи да избувне нова војна на Корејскиот Полуостров, иако и самиот призна дека севернокорејската закана ги надминува сите мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние едноставно не смееме да дозволиме нова војна на Корејскиот Полуостров“, порача јужнокорејскиот претседател Мун по денешната средба со началникот на Генералштабот на американските сили, генералот Џозеф Данфорд, во Сеул.
Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика глобална загриженост со минатонеделната закана дека Северна Кореја ќе искуси невиден оган и бес, по што Северна Кореја одговори со противзакана дека ќе фрли нуклеарна бомба на стратешки важната американска база на островот Гуам.
„Ги повикувам властите на Северна Кореја итно да ги прекинат сите провокации и закани и да ја запрат состојбата на загрозување“, изјави Мун.
Јужнокорејската новинска агенција „Yonhap“ (Јонхап) исто така пренесува дека Мун изразил увереност оти властите на САД во наредниот период ќе се однесуваат одговорно и смирено.
За време на средбата со Данфорд, јужнокорејски водач Мун истакна дека сака да соработува со Северна Кореја во решавањето на кризата, но додаде дека е свесен оти нивото на севернокорејските нуклеарни закани е највисоко досега и дека за сите потези мора да се размисли рационално.
Паралелно со тоа, јужнокорејскиот министер за одбрана, Сонг Јонг-моо, на состанокот на парламентарната ресорна комисија изјави дека е многу мала веројатноста Северна Кореја да лансира какви било проектили на Гуам.