Darren Lyn
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Компанијата за менаџирање со репутација „Теракит“, со седиште во Њујорк, добила шест милиони долари од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да го подобри имиџот на амбасадорот на ОАЕ во Вашингтон, кој се поврзува со трговија со луѓе за сексуална злоупотреба, објави „Њујорк тајмс“, пренесува Анадолу.
Во 2017 година „Интерсепт“ објавил ексклузивна сторија за амбасадорот Јусеф ал-Отаиба, која го поврзува со сексуални работнички и трговци со луѓе.
Според „Њујорк тајмс“, во 2019 година компанијата „Теракит“ од седиштето во Сиракуза, Њујорк, испратила менаџер во Вашингтон, со цел да започне со ублажување на штетата.
Компанијата „Теракит“ се фокусирала на оптимизирање на пребарувањата на Гугл, со цел да го промовира туризмот во ОАЕ, со што на крајот би се ставиле во сенка и прикриле објавите за наводната поврзаност на Ал-Отаиба со трговија со луѓе.
„Теракит“ прво креирала лична веб-страница за Ал-Отаиба, а во 2020 година, „преку анонимен уреднички профил, наречен VentureKit, отворила лажен кориснички профил под име „Quorum816”, со цел да внесува позитивни содржини на неговата страница на Википедија“.
На крајот информациите за Ал-Отаиба биле отстранети од Википедија и страницата била вратена во првобитната форма, со што креаторите на содржини од компанијата за управување со репутација веќе почнале да го менуваат наративот за него, креирајќи неколку профили што ги нагласуваат неговите лидерски способности.
Потоа тимот го пратил неговиот профил до институциите со кои амбасадорот соработувал или бил поврзан, меѓу кои и институтот „Милкен“, Специјалната олимпијада и училиштето „Кенеди“ при универзитетот „Харвард“.
Цел на „Теракит“ била да ја тргне компромитирачката сторија за наводната поврзаност на Ал-Отаиба со трговија со луѓе од првата страница од резултатите при пребарување на Гугл.
Според „Тајмс“, линковите поврзани со Ал-Отаиба се споделувале преку профили што воделе до позитивни блогови за ОАЕ напишани од вработените во „Теракит“. Ова им дало дополнителен авторитет на профилите и ги позиционирало повисоко во резултатите при пребарувањето на Гугл.
До 2023 година стратегијата на „Теракит“ ја постигнала својата цел, при што „Тајмс“ известува дека „сторијата на ‘Интерсепт’ паднала на втората страница од резултатите при пребарување на Гугл“, а „денес, за најголем дел од корисниците, таа е потисната дури на петтата страница“.
„Теракит“ и понатаму соработува со Ал-Отаиба, со цел да го одржи неговиот позитивен имиџ во онлајн просторот.
Од „Тајмс“ наведуваат дека Ал-Отаиба одбил да даде коментар, освен што потврдил дека „Теракит“ извршувала активности за ОАЕ.
Компанијата, исто така, склучила профитабилни договори и со други истакнати клиенти чиј углед бил нарушен, меѓу кои и поранешната директорка на правниот сектор на „Голдман Сакс“, Кетрин Румлер, која се повлекла од функцијата откако документите открија дека имала лични врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.