Rahmi Gündüz
16 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Франсоа Оланд вчера предложи вонредната состојба во земјата, која беше воведена пред една година, да биде продолжена до мај 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Оланд пред новинарите во мароканскиот град Маракеш, каде што присуствува на состанокот на ОН за климатските промени, изјави дека сака да биде продолжена вонредната состојба.
Тој напомена дека вонредната состојба би требало да се продолжи до април-мај следната година, за кога се планирани претседателските избори.
„Имаме потреба од понатамошно преземање мерки на претпазливост во однос на терористичките закани. Покрај тоа, во текот на следните неколку недели почнува предизборната кампања. Ќе бидат организирани и голем број состаноци, митинзи, протести. Во врска со продолжувањето на вонредната состојба, до Собранието ќе биде доставен соодветниот предлог“, рече Оланд.
Да потсетиме, вонредната состојба во Франција беше воведена по терористичките напади во Париз, во ноември 2015 година.
Претседателските избори во Франција се закажани за 23 април и 7 мај.