ИДЛИБ (АА) – ЕШРЕФ МУСА / БУРАК КАРАЏАОГЛУ –
И покрај тоа што поминаа две години од хемискиот масакр на режимот на Башар ал Асад во Kан Шејхун, цивилите сè уште ја немаат заборавено болката, но исто така се длабоко погодени од тоа што режимот до ден денес не е осуден и продолжува да ја напаѓа областа.
И по масакрот, Хан Шејхун беше цел на голем број воздушни напади. Цивилите кои мораа да ја напуштат областа за дописникот на Аnadolu Аgency (AA) го раскажаа моментот кога се случија нападите.
Џемал Касим истакна дека на денот на нападот се наоѓал во руралниот дел на Кан Шејхун, каде што мигрирал од Хама.
„Кога влегов во областа забележав десетици амбулантни возила. Моето семејство се наоѓаше во џамијата. Шесте мртви тела на моето семејство ги зедов и ги однесов во една куќа“, рече Касим.
Тој истакна дека еден ден пред нападот прочитал статија за напад со хемиско оружје. „Научив дека тие што го загубиле животот во напад од хемиско оружје треба да бидат погребани за 24 часа. Мртвите тела на тие што ги загубија животите ги миевме еден час со шампон, сапун и многу вода. Ја променивме нивната облека. Со надеж дека ќе се вратат во живот еден ден останаа во собата“.
Тој, нагласувајќи дека се разочарани од арапските лидери, додаде:
„Убиецот Асад сè уште е слободен. Тој ден 6 члена од моето семејство станаа шехиди (ги загубија животите). Син ми, сопругата на син ми, мојата ќерка која на памет го учеше Куранот, сестра ми која беше гостинка кај мене и близнаците во утробата на мојата снаа. Првиот здив на моите внуци во утробата на мајката беше гасот сарин“.
Касим, исто така, рече дека по смртта на нивната мајка, близнаците биле родени со операција за да преживеат, но од влијанието на гасот сарин починале за кратко време.
- Сè уште не можам да дишам -
Мухамед Ебу Ахмед од Хан Шејхун истакна дека хемиските гасови влијаеле и на него и рече дека веднаш по нападот отишол на местото на настанот, а таму забележал абнормални глетки, луѓето хаотично паѓале на земја.
Тој рече дека кога дознал дека се работи за хемиски напад, веднаш се вратил дома и го испратил семејството во Турција.
„Подоцна ми се јавија. Ми рекоа дека децата ми се за во болница. Биле под влијание на хемикалиите. Само што пристигнав таму и мене ме однесоа во болница. Ми ја променија крвта. Ме испраа и ми дадоа серум. Во болница останав 8 дена“, раскажа Ебу Ахмед.
Тој наведе дека никогаш нема да го заборави моментот кога ги миеле луѓето кои лежеле на земја со вода од големи танкери.
„Некои луѓе беа качени на високи места, на покривите и тие беа заборавени. По неколку дена беа пронајдени нивните мртви тела. Сè уште не можам да дишам. Ми се крати здивот. Кашлам. Имам алергии“, нагласи Ебу Ахмед.
- „Луѓето беа на земја, птиците беа на земја. Сè беше мртво“ -
Поради нападите на режимот на Асад пред 7 години, Енес Зухури од селото Хатаб во Хама се преселил во Кан Шејхун. Тој рече дека откако дознал за нападите во раните утрински часови, веднаш отишол на местото на настанот за да им помогне на повредените.
„Кога пристигнав таму, разбрав дека станува збор за нешто друго“, рече Зухури и додаде:
„Луѓето беа на земја, птиците беа на земја. Сите и сè беше мртво. Прв пат се соочив со такво нешто. Го отворив прозорецот од автомобилот и прашав. Ми рекоа: 'Хемиско оружје'. Веднаш го затворив прозорецот, но сепак гасот веднаш влијаеше на мене. Ми се скрати здивот и почнаа да ми насолзуваат очите. Отидов до местото каде што се наоѓаа здравствените работници. Ми дадоа инјекција. Тоа беше една грозна сцена. Птиците, мачките, луѓето, сите беа мртви. Беше тоа ужасен ден“.
- Одговорниот за масакрот не е осуден -
Во нападот на режимот изведен со гасот сарин на 4 април 2017 година, 100 цивили ги загубија своите животи, а над 500 цивили беа ранети. На 7 април, САД ја нападнаа воената база „Шајрат“ на режимот.
Заедничката комисија составена од ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје, во истрагата водена за употребата на хемиското оружје во Сирија, на 6 септември 2017 соопшти дека во Кан Шејхун бил користен гасот сарин, а на 27 октомври објави дека нападот е извршен од страна на режимските сили.
Овие одлуки открија дека Башар ал Асад, според меѓународното право, извршил воени злосторства. Но и покрај тоа не се отвори патот одговорните за масакрот да одговараат пред Меѓународниот кривичен суд (UCM). Сирија не беше членка на Меѓународниот кривичен суд. Затоа, Генералното собрание на Обединетите нации требаше да поведе постапка против режимот во Меѓународниот кривичен суд. Но, Русија го искористи правото на вето и го попречи процесот.
news_share_descriptionsubscription_contact
