Elena Teslova
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) денес потврди дека лидерите на Европската Унија приватно се противат на членството на Украина во Унијата, иако јавно ја поддржуваат нејзината европска перспектива, јавува Анадолу.
Во соопштение објавено на платформата „Телеграм“, СВР наведе дека, според информациите со кои располага, „европските лидери категорично ја отфрлаат можноста“ Украина да стане членка на ЕУ, оценувајќи во внатрешните разговори дека нејзиното пристапување би создало прекумерни економски и политички ризици за Унијата.
Агенцијата тврди дека претставници на ЕУ сметаат оти Унијата нема доволно ресурси за да ги исполни очекувањата на Украина, поради што процесот на пристапување би можел да трае многу години.
„Истовремено, европските бирократи имаат намера и понатаму да го доведуваат во заблуда украинскиот народ, сметајќи дека ќе можат да го користат како ‘топовско месо’ во конфронтацијата со Русија“, се наведува во соопштението.
СВР, исто така, тврди дека Европската Унија планира да ѝ понуди на Украина учество во заедничката безбедносна политика на блокот, но без право на глас.
„За да се спречи разочарување кај Украинците и евентуален ‘антиевропски пресврт’ на Украина во наредните години, Брисел во јуни годинава понуди да започне со претпристапните преговори со Украина, тврди руската разузнавачка служба.
Според СВР, и Брисел и Киев се свесни дека членството на Украина во Европската Унија останува малку веројатно, но продолжуваат да ја промовираат таа идеја бидејќи Украина зависи од европската финансиска и воена помош.
Од друга страна, Европската Унија во повеќе наврати јавно соопшти дека иднината на Украина е во ЕУ и ја поддржа нејзината кандидатура за членство, истовремено нагласувајќи дека пристапувањето зависи од исполнувањето на потребните политички, правни и економски критериуми од страна на Киев.