Tarek Chouiref, Rania R.a. Abushamala
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Сирискиот претседател Ахмeд ал-Шара ја пофали улогата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Саудиска Арабија во укинувањето на американските санкции за Сирија, јавува Анадолу.
„Неговата екселенција претседателот Ердоган и Саудиска Арабија минатата година посредуваа кај американскиот претседател Доналд Трамп за укинување на санкциите за Сирија“, изјави Ал- Шара вчера во интервјуто за телевизијата Ал-Џезира.
Ал-Шара наведе дека Сирија сè уште е означена од САД како држава спонзор на тероризмот, додавајќи дека отстранувањето на оваа ознака спаѓа во надлежност на Стејт департментот врз основа на препорака од претседателот Трамп.
Тој појасни дека потоа препораката би била доставена до Конгресот на 45-дневен период за разгледување за да се овозможат евентуални приговори, по што Трамп би ја потпишал конечната одлука со која формално се отстранува оваа ознака.
Ал-Шара, исто така, истакна дека Дамаск обезбедил гаранции што се однесуваат на причините зад оригиналната ознака, вклучително и обврски дека Сирија нема да служи како безбедно засолниште за тероризмот ниту, пак, ќе го олеснува преносот на оружје или средства. Тој нагласи дека овие гаранции не се поврзани со какви било надворешни улоги што се очекуваат од Сирија.
Иако САД ги укинаа повеќето санкции за Сирија по падот на режимот на Башар ал-Асад, Сирија остана на списокот на Вашингтон како држава спонзор на тероризмот уште од 1979 година, што се смета за една од главните преостанати пречки за економското закрепнување на земјата.