Ömer Koparan
19 Декември 2025•Ажурирај: 21 Декември 2025
АЛЕПО/АНКАРА (АА) - Во кампањата за донации организирана за поддршка на напорите за обнова во сириската покраина Алепо вчера се собрани 150 милиони долари, соопштија официјални лица, јавува Анадолу.
Кампањата, која ќе трае три дена, започна под покровителство на губернијата на Алепо и има цел да придонесе во обновата, развојот и реставрацијата на градската инфраструктура.
Алепо беше една од најтешко погодените покраини за време на долготрајната граѓанска војна во Сирија, при што претрпи значителни оштетувања на инфраструктурата, станбениот фонд и јавните услуги.
Градот Алепо и понатаму има итна потреба од сеопфатна обнова и развој, наведуваат надлежните.
Слични кампањи за донации претходно беа организирани и во други сириски покраини.
И покрај тоа што сириската Влада не претставува закана, израелските сили повеќепати навлегуваа на сириска територија и извршуваа воздушни напади, при што беа убиени цивили и уништени сириски воени локации, возила, оружје и муниција.
Според податоци на сириската Влада, од декември 2024 година Израел извршил повеќе од 1.000 воздушни напади врз Сирија и над 400 прекугранични упади во јужните покраини.
По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел ја прошири окупацијата на сириската Голанска Висорамнина со преземање контрола врз демилитаризираната тампон-зона, потег со кој беше прекршен договорот од 1974 година меѓу Сирија и Израел.