Tayfun Salcı
17 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Министерот за внатрешни работи на Велика Британија, Саџид Џавид, му порача на американскиот претседател, Доналд Трамп, кој за зголемената стапка на криминал за одговорен го смета градоначалникот на Лондон, Садик Кан, дека треба да се грижи за стапката на криминал во својата земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Џавид, кој има пакистански корени, е еден од водечките кандидати за позицијата лидер на Конзервативната партија, а на состанокот со претставниците на партијата се осврна и на изјавите на Трамп.
Министерот, според „Скај њуз“ (SkyNews), рекол дека твитот на Трамп за Кан не му доликува на „претседател на една голема држава“.
„Американскиот претседател со право е загрижен за изразеното насилство, но треба да се грижи за екстремното насилство во својата земја, кое е десетпати поголемо отколку во Велика Британија“, рече Џавид.
Трамп пред два дена, по убиствата што се случија во Лондон, изјави дека на Лондон му треба нов градоначалник.
„Кан е вистинска катастрофа и оди кон полошо“, напиша Трамп.
Американскиот претседател и претходно го критикуваше градоначалникот на Лондон, Кан, а тоа го стори и за време на неодамнешната посета на Лондон. Притоа, го спореди Кан со градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, додавајќи дека разликата меѓу нив е само во фактот што Кан е двојно понизок.
Од друга страна, првиот човек на Лондон, исто така, е голем критичар на политиката на американскиот претседател Трамп, кој го спореди со европските диктатори од периодот меѓу двете светски војни. Кан, исто така, рече дека Трамп не заслужува да биде пречекан во Лондон со црвен килим.