Riyaz Khaliq Khaliq
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Украина бара пресретнувачки ракети од Јапонија, изјави премиерот на земјата зафатена од војна, јавува Анадолу.
„Би сакал љубезно да побарам една и единствена работа… антибалистички ракети“, изјави украинскиот премиер Сергиј Корецки во интервјуто за новинската агенција „Кјодо њуз“, објавено денес.
Корецки „изрази надеж дека Јапонија ќе му обезбеди на Киев системи за воздушна одбрана“.
Војната меѓу Русија и Украина трае од февруари 2022 година.
„Тоа е најважното нешто што ни е потребно за да ги заштитиме нашите луѓе, инфраструктурата… во текот на оваа грејна сезона“, рече Корецки во врска со пресретнувачките ракети.
„Многу се надевам и сметам на вашата земја“, изјави тој за јапонската новинска агенција.
Украина добива пресретнувачки ракети „Патриот“ од коалиција западни земји, но нејзините резерви се намалуваат.
Јапонија, сојузник на САД во областа на одбраната, е еден од производителите на пресретнувачките ракети земја-воздух „Патриот“, кои ги произведува под американска лиценца, се додава во извештајот.
Меѓутоа, извозот на оружје од Јапонија, во согласност со трите принципи на земјата за трансфер на одбранбена опрема и технологија, „во земји во кои се одвиваат конфликти, во принцип е забранет“.
Во април Токио ги ревидираше ограничувањата за извоз на одбранбена опрема.
Ревидираните услови „за трансфер на одбранбена опрема и технологија бараат земјите да потпишат договори со Јапонија за заштита на поврзаните доверливи информации за да бидат подобни за трансфер на смртоносно оружје“, се наведува.
„Дури и ако биде потпишан договор за трансфер на одбранбена опрема и технологија, обезбедувањето пресретнувачки ракети ќе треба да биде одобрено од премиерката Санае Такаичи“, според „Кјодо њуз“.
Корецки изјави: „Верувам во нашата светла иднина и во соработката и партнерството во врска со обновата и развојот на нашата земја. Дури и сега не сакаме да чекаме да заврши војната.“