Islam Uddin
14 Мај 2025•Ажурирај: 14 Мај 2025
АНКАРА (АА) - Бројот на починати од редок облик на болест пренесена преку почвата, позната како мелиоидоза, во австралиската држава Квинсленд оваа година се зголеми на 31, откако уште едно лице почина, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Последниот смртен случај е пријавен во Таунсвил во текот на изминатата недела, објави „Еј-би-си њуз“.
Од почетокот на годината, Министерството за здравство на Квинсленд примило 221 пријава за случаи на мелиоидоза, што експертите го оценуваат како значителна епидемија во оваа австралиска држава.
Најмногу случаи се пријавени во градовите Кернс и Таунсвил, вклучително и еден кластер во северните предградија на Таунсвил.
Директорот на Јавната здравствена служба во Таунсвил, д-р Стивен Донохју, изјави дека најмногу изложени на ризик се лицата кои прекумерно консумираат алкохол, постарите луѓе и оние со хронични здравствени состојби.
Мелиоидозата е ретка, но сериозна инфекција предизвикана од бактерии што се наоѓаат во почвата и водата во северна Австралија и Југоисточна Азија.
Бактеријата може да влезе во телото преку рани на кожата или со вдишување, а бројот на случаи драстично се зголеми по рекордните поплави што ја погодија областа годинава.