Recep Şakar
19 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
МЕЛБУРН (AA) - Голем број Австралијци од различни етнички корени протестираа во Мелбурн поради масакрот извршен врз Палестинците од страна на израелските сили во текот на протестите на границата на Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Присутните на протестот го осудија масакрот над Палестинците и извикуваа слогани против Израел. Ги критикуваа и земјите кои останаа неми на случувањата во Газа.
Насер Машни, гласноговорник на палестинската група за солидарност на Австралија, ги повика светските лидери да застанат против израелскиот масакр над Палестинците.

Се собраа, како што рече, за да му дадат поддршка на палестинскиот народ. Машни потсети дека меѓу убиените се наоѓаат и здравствени работници, лекари, медицински сестри, новинари и осуммесечно бебе.
„Според израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, никој во Газа не е невин. Израел верува дека сите се терористи. Денеска тука им оддадовме почест на луѓето кои пружаат отпор, и повторно ќе дојдеме“, рече Машни.
Илјадници Палестинци се собраа во понеделникот по должината на границата на Газа со Израел во знак на протест поради израелската окупација и преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои се најавени и за вторник. Загинаа 64 Палестинци, а ранети се најмалку 3.000.
Во осудите кои стигнуваат од светот, меѓу останатото, наведено е дека прекумерната сила е недозволива во случај на мирни протести какви што организираа Палестинците на 70-годишнината од Накба (Голема катастрофа), по повод масовниот прогон на овој народ од страна на Израел.
